Со донесената пресуда од страна на првостепениот суд во целост се потврди тезата на Обвинителството дека обвинетиот Никола Груевски и останатите обвинети, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Јордан Камчев и Ристо Новачевски, го сториле кривичното дело „перење пари“ и други приноси од казниво дело, обвинетиот Никола Груевски го сторил кривичното дело „противправно стекнување и прикривање имот“, изјави обвинителката Лиле Стефанова.
Таа смета оти Обвинителството во овој случај, како што рече, „понуди и беа изведени квалитетни докази од кои во целост се докажа диспозитивот на обвинителниот акт“.
– Во однос на обвинетиот Никола Груевски се покажа дека додека бил премиер дејствувал коруптивно, стекнувал имот чие потекло го прикривал, не го пријавил во својот анкетен лист, а, исто така, во целост се докажа дека во 2012 година преку фирми, оф-шор компании со сложена шема, која што денес и судот целосно ја образложи, за себе купил имот во Македонија со незаконски стекнати парични средства, образложи таа.
Стефанова истакна дека за неа од особена важност е изречената конфискација, и, како што рече, смета дека тоа е од важност и за целото општество.
– Иако од износите кои ги слушавте, а ги читаше судот, имотите беа евидентирани со пониски износи, во моментот, трите стана луксузни во Панорама Резиденс, два стана на улицата во кои живеел Никола Груевски, а сега живее и неговото семејство, градежното неизградено земјиште на Водно во површина од 2 700 метри квадратни, имотот во Крушево, и земјиштето кое беше конфиксувано, а по кое и овој предмет го доби името „Плацови на Водно“ во моментот, според пазарната вредност вредат околу 3 милиони евра, рече таа.
Обвинителката за дел од казните смета дека се правилно одмерени, но за дел од казните, како што рече, „ќе почекаме да ја добиеме писмено изработена пресудата и ќе одлучиме дали ќе поднесеме жалба“.
– Ова особено го мислам за казните изречени спрема обвинетиот Никола Груевски и обвинетиот Сашо Мијалков, рече таа, дополнувајќи дека бара поголеми казни.
Судечкиот совет при Основен Кривичен суд – Скопје денеска изрече седумгодишна казна затвор за поранешниот премиер Никола Груевски, обвинет за перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот. Неговиот кум Ристо Новачевски е осуден на условна казна во времетраење од две години, бизнисмените Ненад Јосифовиќ на двегодишна условна осуда, Јордан (Орце) Камчев е осуден на едногодишна затворска казна кои, исто така се обвинети за за „перење пари”, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело” доби казна затвор од една година и три месеци.