Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, вчера во кругот на најблиските склучи граѓански и црковен брак со својата избраничка Ивана.
Тие си го кажале судбинското Да во црквата Свети Пантелејмон, во Карпош, а потоа заедно со свои блиски роднини и пријатели заминале да го одбележат настанот со мала забава во ресторанот ,,Ден и ноќ’’.
Сепак, овде не завршуваат свадбените церемонии на Богоев, кој најави големо славје по повод започнувањето на заедничкиот живот со Ивана во септември.
-Со Ивана првин ќе одиме на меден месец летово, а потоа во септември ќе правиме голема прослава. Сеуште не сме одлучиле која ќе биде нашата дестинација, но секако дека терминот ќе се поклопи со мојот летен годишен одмор – ни раскажа младиот градоначалник.
Стефан ја запроси Ивана на почетокот на февруари годинава, по девет годишна врска. Тогаш ни раскажа дека си дал збор како ќе ја побара раката на саканата откако ќе падне владата на Никола Груевски.
Запросувањето се случи со голема торта во форма на кутија за накит, декорирана со прстен изработен од фондан. Тој беше еден од најистакнатите шарени револуционери. Голем говорник, борбен и решителен, претседател на Социјалдемократската младина на Македонија.
Тој е дипломиран економист на Универзитетот Американ колеџ – Скопје. Ивана пак, е дипломиран политиколог, а работи како бренд менаџер во парфимериите Еликсир.
Вики Клинчарова