Многу малку родители се против вакцина, а многу поголем број се збунети од различните информации што ги добиваат од здравствените професионалци, но и од социјалните мрежи и интернет-форумите. Мојот став е апсолутно „да“ за вакцина, рече вечерва директорката на Детската клиника проф. д-р Катерина Ставриќ во Топ Тема на телевизија Телма.
Ставриќ, која, како што нагласи, зборува од позиција на имунолог кој 20 години работи во струката, напомена дека проблемот е комплексен и оти е неопходна едукација и на родителите и на докторите. Мора, потенцира директорката, да се врати довербата во здравстевниот систем.
Според неа, нема сто отсто заштита со вакцините, но тие се цивилизациска придобивка.
-Зошто до пред пет години имавме релативно висок опфат на вакцинација, а сега нивото падна? Ние не бараме виновници. И лекарите и родителите и властите придонесоа за ваквата состојба. Генерално, се изгуби довербата во здравствените работници, родителите многу повеќе им веруваат на интернет-форумите, отколку на здравствените работници, истакна Ставриќ.