Европратениците го кренаа гласот против групите како „Пријатели на Македонија“

by fokus

Европски пратеници бараат Европскиот парламент (ЕП) да ги регулира неформалните групи на пријателство со трети земји, како што е и „Пријатели на Македонија“ поради ризик од нетранспарентно лобирање.

Претседателот на Комисијата за надворешни работи на ЕП, европратеникот Дејвид Мекалистер и неговата колешка од Шпанија, Инес Ајала Сендер пред неколку недели испратиле писмо до претседателот на ЕП, Антонио Тајани, во кое се бара неформалните групи на пријателство со трети земји да се регулираат, а по потреба и да се санкционираат.

Проблемот е што овие групи не се официјални тела на Европскиот парламент, сметаат авторите на писмото, а им отвораат врата на „матни“ режими и лидери за лобирање во Парламентот. Порталот ЕУ Обсервер забалежува и дека често овие групи се цитираат во локалните медиуми на третите земји како официјален став на Европскиот парламент, што не е случај.

МИА го контактираше Мекелистер кој потврди дека го испратил ова писмо заедно со Ајала Сендер.

– Заедно со Инес Ајала Сендер испратив писмо до претседателот Антонио Тајани отворајќи го прашањето на членовите на ЕП кои патуваат во странство и последиците за ЕП. Целта не е да се забранат групите за пријателство, но, бидејќи не се официјални тела на ЕП, да се разјасни рамката на постоечката или непостоечката регулатива која би требало да им се примени на овие групи. Размислувањата околу можни решенија е во тек во владеачките тела на ЕП, порача за МИА Дејвид Мекелистер.

Во ЕП има околу 40 вакви групи на пријателства со трети земји или ентитети, меѓу кои и Македонија, но и Саудиска Арабија, Азербајџан, Нагорно-Карабах, Палестина. Една од поконтроверзните групи, која не се наоѓа на официјалниот список, е групата на пријатели на Јудеја и Самарија, со која претседава член на холандската екстремна десница, јавува ЕУ Обсервер и чија цел е „да му се стави крај на финансирањето на палестинскиот тероризам од ЕУ буџетот“.

Иво Вајгл, известувачот за Македонија, претседава со групата „Пријатели на Бахреин“, јавува порталот, додавајќи дека Словенецот планира да замине на патување во оваа држава во текот на годинава но нејасно е кој го финансира. Најчесто овие патувања се финансирани од самите влади на третите земји. Така Романката Рамона Манеску која ја води групата „Пријатели на Катар“ била поканета во земјата на сметка на катарската влада.

Поврзани новости