Ставриќ: Инквизицијата во темниот среден век имала поголема правда, отколку Кривичниот суд во црниот македонски 21 век

by Fokus

Очниот хирург Дејан Ставриќ, кој денеска повторно беше осуден на едногодишна затворска казна, откако претходно скопска Апелација случајот го врати на повторно судење во изјава за „Фокус“ вели дека оваа пресуда е апсурдна и апсолутна неправда испорачана од Скопска единица.

– Судскиот терор продолжува и е последен од бројните докази за приватизираноста на институциите. И, покрај препораките на апелација и покрај новата доказна постапка, во која се докажа мојата невиност и се докажа дека сум осуден за дело, кое не сум го извршил, ниту пак сум можел да го извршам, овој таканаречен суд, кој денеска со оваа постапка, како и со многу други, го заслужи популарниот назив – нарачателство, ја повтори тотално неоснованата претходна пресуда.За ова ќе биде известена и меѓународната заедница, а ќе одиме и со Стразбур – истакна доктор Ставриќ во изјава за „Фокус“.

Тој вели дека, инквизицијата во темниот среден век имала поголем степен на објективност и правда, отколку Судот 1 во црниот македонски 21 век.

– Сакам да апелирам до целата јавност да биде сведок на овој гнасен чин на неправда, испорачан од институција која треба да дели правда, а не неправда.Јавноста добро знае по чија нарачка и во чија изведба се случува овој монтиран процес, а се надевам дека наскоро ке се појават и докази за тоа, кои ќе бидат објавени! Јавноста знае исто така, дека покрај тоа што оваа монтажа имаше намена да ме казни мене лично за моите ставови и делување, значи покрај таа “специјална” намена (го цитирам нашето “обвинителство”), оваа казна има и “генерална” намена ( повторно го цитирам “обвинителството”), а таа генерална намена има функција да биде страшило и да ги плаши луѓето и да им порача на сите дека неистомислениците ќе бидат казнети по секоја цена, дури ако треба да биде нанесена директна, неоснована казна како во мојот случај и дека немаме суд, туку казнионица –  додава очниот хирург Ставриќ.

Тој додава дека повторно ќе поднесе жалба до Апелациониот суд, а ако треба правдата ќе ја бара и во судот во Стразбур.

Денеска, по завршните зборови на јавниот обвинител Трајче Пеливанов и адвокатот на одбраната Светлана Савиќ, веднаш следуваше пресудата, која се повтори од претходната пресуда лани. Тој беше осуден дека наводно за 2.000 евра посредувал за добивање на инвалидска пензија.

 

Поврзани новости