Откако излезе интервјуто на директорот на Фондот за здравство, Ден Дончев во „Фокус“ во кое тој тврди дека фирма на кумот на Никола Груевски узвезувала фалсификувани лекови од Турција, со реакции се јавија и многу од лекарите.
Очниот хирург Дејан Ставриќ истакна дека со објавата на директорот на Фондот за здравство се потврдува дека во овој случај се работи за сериозен криминал што осигурениците ги чини десетици милиони евра за лажни лекови и неброени изгубени животи.
„Сметам дека ова под итно треба да го испита МВР и Основното јавно обвинителство во која криминална организација се вмешани повеќе таканаречени веледрогерии во спрега со претходната власт, а според кадровските решенија на скопските клиники и со сегашната власт. Покрај тоа, има и друг ефект, а тоа се многуте лекувања со несакани последици кои им се препишуваа на лекарите за несовесно лекување, а во одреден дел вината треба да ја сносат и тие лажни и фалсификувани лекови кои им се давале на пациентите – тврди доктор Ставриќ.
Според него, Лекарската комора треба да се позанимава со овој случај, затоа што во прашање се лекарите кои можеби за многу слуачи непотребно се обвинети.