Заев не сака судиите да му се умилкуваат

by fokus

Премиерот Зоран Заев рече дека не чувствува грижа на совест тоа што градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, се наоѓа во притвор иако има здравствени компликации.

-Не сум направил ништо за да имам грижа на совет, но сметам дека притвор треба да има само ако е тоа неопходно. Секој има право да се брани од слобода – рече Заев одговарајќи на прашање од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

Милошоски го коментираше одговорот на премиерот и рече дека Темелко не е поопасен за безбедноста на државата од Сајдиу, Агим Красниќи или Филип Секуловски.

-Темелко не убил некого, ниту пак бил извршител на нечиј налог да убие фудбалер – рече Милошоски.

-Се сложувам со вас ако алудирате дека законот мора да важи за сите, но не се сложувам со паралелата која ја правите меѓу Албанци и Македонци – одговори Заев.

Ако некој има право, рече тој, да се брани од слобода тоа мора да биде испочитувано, исто како што некој има право, додаде, на прекин на затворската казна по нејзино извесно одлежување.

-Но некои институции сакаат да и се умилуваат на владата со своите одлуки, а тоа не треба, никој не смее да биде осуден ако не е виновен. Ако има докази, секој треба да одговара, без разлика дали се вика тој Зоран Заев или некој друг. Никој нема потреба да ни се умилкува, додворува или да ни се прави колку е поддржувач на власт ако при тоа нанесува штета врз друг граѓанин. Апелирам трезвено носење на одлуки согласно закон, особено зборувам за правосудството. Не ми паѓа на памет да се мешам во судството, први реформи мораме да ги направиме во нашите глави – рече Заев.

 

Поврзани новости