Иако министерот за финансии Зоран Ставрески, кој беше планирано да сведочи денеска, најави дека нема да дојде сепак седница на Анкетната комисија за прислушувањето ќе има. Покана да даде изјава пред пратениците има и Мартин Протуѓер, шеф на кабинетот на Никола Груевски. Останува неизвесно дали тој ќе го следи примерот на претпоставениот и на министерот?
Вчера премиерот Никола Груевски не дојде иако според редоследот требаше да биде прв сведок. Десетина минути пред почетокот на седницата, ВМРО-ДПМНЕ со соопштение информираше дека Груевски нема да се појави на седницата, а дури попладне, од владината прес служба информираа дека тој е во официјална посета на Израел.
Во наредните денови покана да дадат изјава пред Комисијата имаат и Сашо Мијалков за утре, на 14 декември Гордана Јанкулоска и на 15 декември Миле Јанакиески, но никој од нив не потврдил дека ќе дојде. Појавувањето пред Комисијата не е задолжително.