Измените на Законот за јавен долг се во насока на усогласување на методологијата со онаа која се користи во европските земји и која ја користи Меѓународниот монетарен фонд, реагираше денеска Министерството за финансии.
Кабинетот на Зоран Ставрески реагира за написите за новините во Законот за јавен долг, откако текстот со измените вчера се најде пред пратениците и ќе се усвојува по скратена постапка. Претпоставките се дека со овој сет на измени, козметички ќе се намали процентот на јавниот долг за кој досега само се претпоставува дека е над половина од БДП.
– Некои во јавноста толкуваа дека се бришат дел од долговите на државата и би сакале да истакнеме дека никаде долгот на монетарната власт, односно на централната банка – чие исклучување се наведуваше како спорно не се калкулира во долгот на државата. За нијанса Законот за јавен долг кај нас е дури построг во однос на оние кои се практикуваат во Европа, оти во него ние го калкулираме долгот и на државните претпријатија кои се пазарно ориентирани (како Електрани на Македонија, МЕПСО и МБПР на пример), што не е случај со европските земји, односно тие го изоставуваат – велат од Финансии.
Според Министерството за финансии дури и со построга методолгоија, Македонија во споредба со европските земји е меѓу најниско задолжените.