Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски не ја коментира денешната изјава на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски во која го потсетува Пендаровски како завршиле во минатото сите оние кои се обиделе да им забранат влез на лидери на ВМРО.
Од Кабинетот на претседателот Пендаровски посочија дека ставовите на претседателот биле дадени по седницата на Советот за безбедност и дека сега надлежностите се кај Владата.
– Во однос на прашањата, немаме дополнителен коментар. Ставовите на претседателот Пендаровски беа дадени по седницата на Советот за безбедност. За понатамошни чекори, надлежностите се кај Владата на Република Северна Македонија, се вели во одговорот од Кабинетот на претседателот.
По Советот за безбедност што се одржа во понеделникот, претседателот Пендаровски во изјава за медиумите рече дека СБ и предлага на Владата да забрани влез во земјава на еден европратеник и на неколку други лица, поради сомнение дека дел од овие лица се поврзани со руската разунавачка служба. Тој рече дека на 4. февруари кога се одбележува годишнината од раѓањето на Гоце Делчев се очекува во земјава да пристигне организирана група од Бугарија со цел нарушување на безбедноста и дестабилизација на земјата и на односите со Бугарија.
Бугарскиот европратеник Џамбаски денеска преку социјалните мрежи индиректно упати закани до претседателот Пендаровски.
– Што претставува за нас една таква забрана? Да му порачам на Стево Пендаровски, наречен Стево Коминтерната и дека во минатото и други се обидувале да им забранат влез на лидери на ВМРО во Македонија, а последниот таков пример е со југословенскиот, со српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ. Ако се обидат да ми забранат влез во Македонија нека погледнат во историјата и нека учат од неа, напиша Џамбаски.
По ова вечерва реагираше и македонското Министерство за надворешни работи кое ги осуди ваквите изјави и најави дека по дипломатски пат ќе го извести и бугарското Министерство за надворешни работи.
– Во овој случај, Министерството ќе препорача и на претседателот да реагира соодветно до својот колега, претседателот Радев, а за ова однесување известување и барање за оградување ќе биде побарано и од претседателот на Европскиот парламент. Заканите, изјавите за закани, најавите се прашање со кое се занимаваат безбедносните органи, очекуваме тие сериозно да ги земат предвид последните изјави на Џамбаски и да донесат соодветна одлука за негов ограничен пристап во земјава, стои во реакцијата од македонското МНР.