Хрватски капитал со руски шмек: Кој ја „мати водата“ во дебарско Гари?

by Фокус

Во име на „МЛ-Гари“, која пред десетина години почна да гради фабрика за вода во дебарското село Гари, настапија хрватските државјани Дашмир Абдија и Бранислав Којиќ. Еден од нив изјави дека тие не се реални инвеститори, туку во позадина стои банката „Промсвуаз“, која неодамна премина во сопственост на руската држава. Сега, македонската компанијата го негира тоа, но ги потврдува написите дека проектот го кредитирале лица од опкружувањето на хрватскиот бизнисмен Михаило Перенчевиќ, кој преку градежниот гигант „Велестрој“ се поврзува со нафтената „Транснефт“ раководена од олигархот Николај Токарев, близок пријател на Путин од деновите минати во КГБ. Адвокат на македонската фирма, пак, е Миле Зечевиќ!

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Фабрика за вода во дебарско Гари, која своевремено беше претставена како инвестиција на двајца хрватски државјани, била кредитирана од хрватски тајкун што се поврзува со руски олигарх близок до Владимир Путин, пишува новиот број на неделникот „Фокус“.

Станува збор за друштвото „МЛ-Гари“, кое е формирано во 2011 година за да инвестира во изградба на фабрика за полнење на вода во дебарското село Гари. Две години подоцна, во Гари беше удрен камен-темелник за изградба на фабриката, во присуство на голем број на министри од тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Три години подоцна, отворена е фабриката на 5 километри пред селото Гари, каде компанијата добила концесија на период од 30 години. Во име на компанијата се обрати Кујтим Деари, кој посочи дека инвестицијата започната благодарение на двајцата инвеститори од Хрватска добила лик на „една од најмодерните, најсовремените и технолошки најопремените фабрики во Македонија и во регионот..“.

Притоа, еден од тие „хрватски“ инвеститори е Дашмир Абдија, хрватски државјанин со потекло од Македонија, кој рече: Оваа инвестиција е потврда дека печалбарите никогаш не ја забораваат татковината. Тоа е примерот и со мене, кој со децении работам во Мали Лошињ, а сега дел од капиталот носам тука. Во зависност од текот на производството бројот на вработените ќе расте…“.

Во исто време кога фабриката во дебарско Гари беше свечено пуштена во употреба, хрватскиот „Т-Портал“ објави сторија со наслов „Како слаткар и адвокат од Хрватска ќе флашираат вода во Македонија“. Всушност, се алудира на хрватските инвеститори. Едниот е споменатиот Абдија, угостител од Мали Лошињ, а вториот е адвокатот од истото место Бранимир Којиќ.

Мојот и паричниот влог на Абдија се многу мали и тешко може некој да нè нарече инвеститори. Во основниот капитал по докапитализацијата ќе учествуваме со помалку од еден процент – рекол Којиќ, кој во изјавата додава дека процесот на докапитализација на друштвото, односно на кредитот во удел траел поради законски измени во Македонија.

Врз основа на неговиот исказ, порталот дополнително објави дека парите потекнуваат од „УК Промсвуаз“, друштво за управување со инвестициски фондови во Русија. Овој фонд, пак, е во сопственост на една од најголемите банки во Русија, „Промсвуаз банка“, која моментално е во државна сопственост и беше опфатена со санкциите од САД, Канада и Велика Британија.

Оваа банка била основана во 1995 година од страна на браќата Алексеј и Димитриј Ананијев, руски олигарси тешки милијарди долари. Но, во 2018 година руската државата започна прогон против браќата Ананијев поради мултимилионска измама, а нивната банка беше национализирана и се стави во поддршка на рускиот сектор за одбрана и безбедност.

Меѓутоа, хрватскиот центар за истражувачко новинарство „Остро“, врз основа на протечените документи во „Пандора“ во случајов инволвираат двајца хрватски тајкуни, кои основале офшор компанија со назив „Зедариа Вентурес“ за да инвестира 10 милиони евра за експлоатација на вода токму во Гари, Дебар.

Конкретно, оваа компанија била основана од Томислав Филиповиќ и Предраг Перенчевиќ. Инаку, Филиповиќ е брат на Крешимир Филиповиќ, додека Перенчевич е брат на Михаило Перенчевиќ. Од сите нив, најголемо внимание привлекува Михаило Перенчевиќ, поранешен заменик-министер за внатрешни работи, кој во меѓувреме станал еден од најбогатите Хрвати.

Своевремено, тој работел во Либија, по што заминал за Русија. Со текот на времето станал пријател со Путин, а бил одликуван од поранешниот руски премиер и претседател Димитри Медведев, кој периодов се истакнува со најрадикални изјави во контекст на конфликтот со Украина, најавувајќи и можна употреба на нуклеарно оружје.

Што се однесува до браќата Перенчевиќ, тие имале извршни и неизвршни функции во руската градежна компанија „Велестрој“, која, пак, добивала вредни договори од „Транснефт“, руска државна компанија за транспорт на нафта. Оваа компанија ја води Николај Токарев, кој своевремено бил дел од руската тајна служба КГБ, од чиј шинел излезе и Путин. Двајцата биле на служба во Источна Германија.

По руската воена интервенција во Украина, ЕУ, САД и Британија му го замрзнаа имотот на Токарев, кој влезе во „црната листа“ на Западот заедно со членовите на семејството. Меѓу нив е и неговата ќерка Маја Болотова, за која може да се прочита дека, меѓу другото, била соработник и на веќе споменатата „Промсвуаз банка“, своевремено контролирана од пребегнатите браќа Ананијев, а подоцна национализирана од руската држава.

Случајно или не, името на Маја (Болотова) или оригинално Maya, кореспондирана со брендот на водата што „МЛ-Гари“ ја флашира во Дебар. Кога ќе се погледне историјатот на македонското друштво, пак, како подносител на пријавите за промени излегува името на Миле Зечевиќ. Тој е актуелен генерален секретар на најголемата владејачка партија СДСМ, кој долги години работи како адвокат.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости