Со Договорот од Преспа се отвораат различни трговски и инвестициски можности, економските односи кои постојат, веќе добиваат поинаква динамика, пишува министерот за животна средина и енергија на Грција, Јоргос Статакис во колумната за неделникот „Finance & Markets Voice“.
– Проширувањето на меѓународните организации во регионот и, пред сè, обединувањето на балканските економии во една единствена европска област, отвора огромни можности за Грција и нејзините соседи, пишува Статакис.
Грчкиот министер како пример ја споменува енергетиката и стремежот на ЕУ за создавање на европски пазар на енергија за кој предуслов е институционална усогласеност на државите и поврзување на енергетските мрежи, а пред сѐ, на мрежите за електрична енергија.
Вели дека Грција веќе е поврзана со Италија, се работи на поврзување и со Бугарија, а „сличен проект со соседната земја, ќе придонесе за финализирање на регионалниот пазар“.