За месечна плата од околу 1.828 евра, плус останати привилегии и додатоци, старо-нови пратеници во наредните четири години ќе му служат на народот.
Пратениците ги избира народот, и тие ги претставуваат граѓаните и нивниот глас во Собранието, па затоа неретко се нарекуваат и слуги на народот.
Околу тоа колку изнесува пратеничката плата во Македонија, на страницата на Собранието минатата година беа објавени податоци, односно графикон со платите на пратениците во сооднос со минималните и просечни плати во земји во регионот, во април 2023 година. Токму таму е наведен податокот дека во земјава пратеничката плата изнесува 1.828 евра. Највисоки плати добивале грчките пратеници и тоа 4.787 евра, а пак најниско се платени српските пратеници, со 944 евра месечно. Потенцирано е дека станува збор за приближни, а не апсолутни вредности.
Исто така, пратениците имаат право да поднесат барање за апанажа, односно за надоместок во висина од пратеничката плата, во траење, главно, од една година, по завршувањето на пратеничкиот мандат.
Пратеничкиот мандат пак, трае четири години и тие не можат да биде отповикани од функцијата, но може да им престане или да им биде одземен мандатот пред истекот на времето за кое се избрани.
На пратеникот му престанува мандатот пред истекот на времето за кое е избран ако поднесе оставка, ако е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години, ако настапи случај на неспојливост со функцијата пратеник, ако му престане државјанството на Република Македонија, ако со правосилно решение биде лишен од деловната способност и во случај на смрт.
На пратеникот може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци.
Според моменталните податоци, во новиот парламентарен состав од СДСМ како пратеници влегуваат Димитар Ковачевски, Моника Зајкова, Даниела Николова, Оливер Спасовски, Фатмир Битиќи, Сања Лукаревска, Љупчо Николовски, Горан Мисовски, Благој Бочварски, Венко Филипче, Јованка Тренчевска, Миле Талевски, Соња Мираковска, Борче Цветков, Јован Митрески, Бисера Костадиновска-Стојчевска, Митко Трајчулевски и Славјанка Петровска.
Од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ пак, со освоени 58 пратенички мандати од сите шест изборни единици, според моменталните податоци влегуваат Христијан Мицкоски, Гордана Димитриеска-Кочоска, Љупчо Димовски, Синиша Стојаноски, Бети Стаменкоска-Трајкоска, Тони Јаревски, Иван Живковски, Љупчо Пренџов, Марија Митева, Иванка Василевска, Владо Мисајловски, Жаклина Пешевска, Иван Стоиљковиќ, Бобан Николовски, Бојан Стојаноски, Каролина Насковска, Зоран Коцевски, Бране Петрушевски, Драган Ковачки, Никола Мицевски, Рашела Мизрахи, Игор Здравковски, Никола Коњановски, Благица Ласовска, Миле Лефков, Даниерла Христова, Марија Петрушевска, Душко Иванов, Александар Јамалов, Драгана Бојковска, Емил Спасовски, Драгана Арсова, Александар Николовски, Ели Панова, Дејан Продановски, Зоранчо Јованчев, Ангелинка Петкова, Петар Ристески, Златко Пенков, Моника Трајанова, Јулија Тушевска, Жан Дрвошанов, Петар Марков, Билјана Кузмановска, Ѓорѓија Сајкоски, Олга Лозановска, Сашо Донев, Пеце Милевски, Јован Јаулевски, Лидија Петковска, Мевмед Џафери, Кире Божиновски, Силвана Ангелевска, Грација Бакраческа, Дафина Стојановска, Александар Велјановски и Валентина Марчевска.
Коалицијата на ДУИ има 19 пратеници, ВЛЕН има 13, Левица има шест и ЗНАМ исто така шест пратеници.
Вики Клинчарова