Од претпријатието информираат дека во изминатиот период во повеќе наврати ја известувале јавноста за промените, а сега упатуваат последен апел до возачите внимателно да ги следат електронските информативни табли пред и на самите наплатни станици.
Според новата организација, лентите ќе бидат јасно категоризирани според начинот на плаќање: за М-ТАГ, за М-КАРД и за готовинско плаќање и М-КАРД.
Со измените се укинува можноста за плаќање со М-КАРД на лентите наменети за М-ТАГ. Корисниците кои располагаат со М-КАРД ќе треба да ги користат останатите ленти на наплатните станици, согласно нивната намена.
Од ЈПДП потсетуваат дека возачите се должни да ја почитуваат вертикалната и хоризонталната сигнализација, како и ознаките за статусот на лентите. Зелената стрелка означува дека лентата е отворена и активна, додека црвениот знак „Х“ означува затворена лента.
„Непочитувањето на означувањето и намената на лентите може да предизвика застои во сообраќајот и да влијае врз безбедноста и ефикасноста на сообраќајот“, предупредуваат од претпријатието.
Целта на измените, како што наведуваат од ЈПДП, е подобрување на протокот на возила и поефикасно функционирање на системот за наплата, а известувањето е објавено за корисниците навреме да се прилагодат на новите правила.