Станков: Никој не починал туку-така, голем дел од граѓаните не знаат ни дека имаат висок притисок

by fokus

-Во состојба кога здравствениот систем е преоптоварен, а лекарите исцрпени и изнемоштени, иако не сакам, морам да ги обвинам неодговорните луѓе, кои сѐ уште мислат дека не постои корона или дека земјата е рамна, анализира за „Фокус“, директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков. Од обдукциите што ги направиле констатирале дека вирусот ги разорува белите дробови, но ги напаѓа и другите органи. Вели слободен кревет може да се најде за секој болен, но кадарот што е едуциран за лекување ваков вид заболени е изморен и изнемоштен

Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Над 20 лица речиси секојдневно умираат од ковид-19 во земјава, а вчера беше достигнат црниот рекорд од почетокот на епидемијата – 40 лица починаа за едно деноноќие. Во здравствените билтени за состојбата со вирусот, сѐ почесто меѓу починатите се и млади луѓе на триесетгодишна, или четириесетгодишна возраст.

Според последната анализа на Институтот за јавно здравје, која се однесува на периодот од 2 до 8 ноември, смртноста од вирусот се зголемила за повеќе од 40 проценти. Иако министерот за здравство, Венко Филипче вели дека во статистиката на починати од ковид-19 се вбројуваат сите позитивни на вирусот, односно и оние кои не починале како директна причина од вирусот, сепак, преполните болници и сѐ поголемиот број починати во дневната статистика покажуваат дека ситуацијата е алармантна.

-Ние земаме брисеви и постмортем, односно доколку некој бил суспектен, тестираме и тие лица ги внесуваме во статистиката. Голем дел од вкупната бројка на починати се вакви случаи. Другите земји ова не го прават, вели Филипче.

Секако обдукции не се прават на сите починати лица за да се утврди точната причина на сите, над 1.200 лица, кои се внесени во официјалната статистика на починати од корона. Институтот за судска медицина од почетокот на пандемијата е активно вклучен во сите активности од негов домен во областа на превенција на ширење на заразните болести.

Директорот на Институтот, Александар Станков објаснува дека во оваа битка се вклучени на два начина: преку тестирањата што ги вршат и преку судско-медицински обдукции и постмортални тестирања, кај случаи кои се сомнителни за инфекција со ковид-19. Од почетокот на пандемијата до сега детектирале присуство на вирусот кај осум починати лица.

ВИРУСОТ ГИ РАЗОРУВА БЕЛИТЕ ДРОБОВИ, НО И ДРУГИ ОРГАНИ

-Сите случаи се со индикација за судско-медицинска обдукција. Се работи за случаи што починале во домашни услови, еден случај починат во затвор и два случаи со насилна смрт, односно со бесење. Кај шест од нив причината за смрт е директно поврзана со инфекција со ковид 19, додека кај двата случаја на бесење причината за смрт е насилна и настанала заради бесење, додека пак, присуството на вирусот е само случаен наод, вели Станков.

Сепак, објаснува дека не може да се каже дека двајцата се обесиле оти биле позитивни на ковид, бидејќи едниот од починатите не знаел дека е позитивен, а другиот веќе бил излекуван.

Како вирусот го разорува телото најточно може да се види од обдукциите што ги извршил Институтот и тоа кај оние лица, кои починале токму од вирусот.

Станков вели дека вирусот главно ги оштетува дишните патишта, белите дробови, но со пореметувањето на оксигенацијата на крвта, односно нивото на кислород во крвта, дополнително страдаат и другите органи.

Тој за „Фокус“ објаснува што констатирале при обдукцијата на луѓето починати од Ковид.

– За да ме разбере популацијата која нема допир со медицината би кажал дека белите дробови се натечени, тешки, воспалени, безвоздушни со уништени алвеоли (завршните дишни патишта) и пореметена градба во делот каде настанува размената на гасови. Тоа е основата на дејствување на овој вирус. Со нарушувањето на оксигенацијата на крвта дополнително страдаат сите органи во телото. Исто така, кај мал дел е пронајдено воспаление на срцевиот мускул и воспаление на цревата, вели Станков.

ЗДРАВСТВЕНИОТ СИСТЕМ НЕ МОЖЕ ДА ИЗДРЖИ ТОЛКУ БОЛНИ

Според него, врз бројот на смртните случаи за болест која досега е непозната во светот и, за којашто сѐ уште нема конкретна терапија, влијаат два фактора. Едниот е, капацитетот на здравствениот систем да прифати голем број заболени, а другиот е, постојната здравствена состојба на населението и нивото на здравствена едукација и култура. Станков е дециден дека нашиот здравствен систем нема капацитет да се судри со епидемија од огромни размери.

-Затоа беа апелите и фокусот на здравствените авторитети во превенцијата на појава на голем број заболени. Нашиот здравствен систем е максимално оптоварен, вели тој.
Од друга страна, според неговото искуство, здравствената култура и едукација на нашето население е на многу ниско ниво.

-Се оди на лекар кога нешто ќе ве заболи. Сигурен сум дека огромен број од населението не ни знае дека има висок крвен притисок, дијабетес, додека, пак, за прекумерната тежина не ни сакам да дискутирам. Ова го зборувам во контекст на статистичките податоци во светот, кои велат дека луѓето со коморбидитети се со десетпати поголем ризик да завршат фатално отколку здрави пациенти без разлика на возраста.

Над 80 проценти од заболените кај нас се над 40 години, а ист процент е и бројот на починати во контекст на возрасните групи. Населението се чуди кога некој ќе почине ненадејно без да покажал некакви симптоми на болест. Верувајте, никој не починал туку -така. Кај најголем број од обдукциите на случаи со ненадејна смрт сме констатирале хронични болести за кои не знаело ни најблиското семејство, објаснува директорот.

Болниците се преполни, секој ден сме сведоци за редици пациенти пред ковид-центрите и барања за кревет плус за болните. Станков, сепак, вели дека за можноста болниците да се преполнат и да дојдеме до тоа да не може да се дојде до лекарска помош, се зборува цело лето.

КРЕВЕТ ЌЕ СЕ НАЈДЕ, НО ЛЕКАРИ ТЕШКО

-Се зборуваше дека ако не се внимава на мерките за заштита дека ќе се појават огромен број пациенти, кои нема да можат да бидат сместени во болниците. И тоа не е проблем, слободен кревет сигурно ќе се најде за секој болен што треба да биде згрижен. Суштината е во тоа што ние немаме бесконечен извор на медицински кадар кој ќе се грижи за болните. Постојниот кадар кој е едуциран за лекување на ваков вид на заболени е исцрпен и истрошен, вели Станков.
Тој додава дека во недостаток на стручни специјалисти, се ангажираат лекари од други специјалности и студенти по медицина.
– За сево ова, иако не сакам, морам да ги обвинам неодговорните луѓе, кои сѐ уште мислат дека не постои корона, или дека земјата е рамна. Населението се опушти, мислејќи дека помина опасноста и сега го гледаме резултатот, констатира тој.

УШТЕ НЕ СЕ ЗНАЕ ДАЛИ ВИРУСОТ МОЖЕ ДА СЕ ПРЕНЕСЕ ОД МРТОВ НА ЖИВ ЧОВЕК

Бидејќи се работи за нов вирус, сѐ уште нема прецизни податоци колку овој вирус може да остане во телото на починатиот и дали воопшто може да биде инфективен, односно дали може да се пренесе од тело на починат човек на жив човек, објаснува директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков.

-Mетодите што се користат во утврдување на присуство на ковид 19 се базирани во детектирање на рибонуклеинската киселина на вирусот. Тоа значи дека доколку некој тест е позитивен, резултатот означува присуство на рибонуклеинската киселина на вирусот, односно присуство на жив, мртов вирус или, пак, само делови од него. Утврдувањето на присуството на вирусот не може да утврди дали тој вирус е жив или се работи само за негови делови. Затоа не можеме да кажеме колку може да преживее ковид 19 вирусот во починато лице.

Обдукциите кај кои имаме позитивен резултат за присуство на ковид 19 се извршени најмногу 24 часа по констатирање на смртниот исход. Ова говори дека и 24 часа по смртта може да се детектира присуството на вирусот. Ние докажавме присуство на вирусот и 3-5 недели од смртниот исход кај починатата жена во Велес. Според досега објавените случаи во светот, присуството на вирусот е докажан после 27 дена во брис земен од душникот на починатиот, објаснува Станков.

АД БУТЕЛ: ГИ НАМАЛИВМЕ ЦЕНИТЕ, НО И НИЕ ИМАМЕ ТРОШОЦИ
Починатите што биле заразени со ковид-19 се погребуваат по посебен протокол во вреќа, лимен сандак и ковчег, а нивните тела, воопшто, не се носат во капела, туку директно на погреб, објаснува директорот на АД Бутел, Тони Зајков.

Голем дел од граѓаните се жалат дека мора платат огромни суми за закоп на починат кој бил заразен со ковид-19.

Сепак, директорот тврди дека се зависи од барањата на граѓаните и дека за оние кои немаат пари може да го закопаат својот близок и за 20.000 денари. Вели дека цената зависи и од тежината на покојниот и споменува пример од пред неколку дена кога требало да се погребе жена од 300 килограми, на која било тешко и да и најдат сандак.

-За такви случаи не може да биде 20.000 денари. Исто така,има граѓани кои сакаат поскапи ковчези и за нив цените биле повисоки и можеле да достигнат и до 60.000 денари, вели Зајков.

Тврди дека за оние кои немаат пари, дури и превозот не им се наплаќал, туку само најосновниот пакет, колку да го закопаат покојниот. Од почетокот на пандемијата кога му се јавил министерот за здравство, Венко Филипче, веднаш биле намалени цените за 10.000 денари и дека од тогаш немало поплаки.

Сепак, кажува дека имаат и тие големи трошоци со оглед на тоа дека вработените мора да носат заштитна опрема, маски скафандери и уверува дека засега кај нив немало заразени на работното место.

Поврзани новости