Стаменов: Покажуваме дека старите компјутери може да направат разлика во нечиј живот

Иницијативата ,,Донирај компјутер” веќе подолг период обезбедува компјутери за семејствата кои не можат да си дозволат да купат.

by irena 18:37
18:37

Неодамна оваа иницијатива беше препознаена и со наградата ,,Мајка Тереза“ за Борче Стаменов, која се доделува за значајни остварувања во областа на хуманоста и солидарноста. Во интервју за Фокус, Стаменов вели дека преку нивната иницијатива тие покажуваат дека старите компјутери можат да продолжат да живеат и да направат разлика во нечиј живот. Дополнително, секој поправен и дониран компјутер значи и помалку отпад и тоа е една мала победа за животната околина.

– Иницијативата ,,Донирај компјутер” веќе подолг период обезбедува компјутери за семејствата кои не можат да си дозволат да купат. Колку семејства досега добија компјутер преку вашата иницијатива и кои резултати би ги издвоиле како најважни досега?

До денес преку Донирај компјутер успеавме да собереме над 7000 компјутери, од кои скоро 3700 ги поправивме и ги дониравме на семејства, деца на кои најмногу им беа потребни, стотина државни училишта, неколку болници, противпожарни друштва, стартап бизниси и друго. За мене најважен резултат е тоа што зад овие бројки стојат вистински приказни. Дете што денес може да следи настава онлајн, млад човек кој што со донираниот компјутер започнал сопствен мал бизнис или семејство што конечно добило алатка за да се поврзе со светот, самохрана мајка која со половен компјутер се доедуцирала и сега работи по нова струка. Тоа е најголемата победа.

– Ја добивте наградата ,,Мајка Тереза” која се доделува за значајни остварувања во областа на хуманоста и човечката солидарност за сите досегашни активности со иницијативата ,,Донирај компјутер”. Како го доживеавте препознавањето на сите напори и целиот труд за доделување компјутери на оние кои не можат да ги купат, од страна на државата?

Искрено, ова признание го доживувам како голема чест, но и како обврска да продолжиме понатаму да работиме уште повеќе. Наградата не е само за мене. Неа ја делам со сите луѓе кои некогаш донирале нешто, со волонтерите кои поправаа компјутери, со компанијата ЕкоЛогистик кои помогнаа да нашите донации бесплатно се испорачаат до семејствата. Државата со ова покажа дека ја препознава вредноста на солидарноста и тоа ми дава надеж дека заедно можеме да направиме уште повеќе.

– Како изгледа процесот за доаѓање до компјутер преку вашата организација? Од каде ги наоѓате старите компјутери кои потоа ги донирате репарирани, дали има многу заинтересирани лица кои донираат стара компјутерска опрема?

Процесот е многу едноставен. Луѓето ни пишуваат на нашата фан страница или преку социјалните мрежи и ја споделуваат својата потреба. Потоа тимот ја проверува ситуацијата и кога ќе имаме достапен компјутер, истиот се донира. Старите компјутери најчесто ги добиваме од компании кои ја обновуваат својата опрема, но и од граѓани кои едноставно сакаат нивниот стар компјутер да добие втора шанса. Цело ова дополнителни ни го олесни Нептун со тоа што ја ставија цела своја логистика на распологање на Донирај Компјутер. Искрено, изненаден сум колку многу луѓе сакаат да помогнат, а тоа се гледа по огромниот број пристигнати донации секој недела. Најмногу ме радува моментот што покрај хуманитарна организација, ние сме и позитивен пример кој многумина го следат.

– Вашата иницијатива помага во намалувањето на е-отпадот со повторно користење на компјутери кои можеби би завршиле во ѓубре. Имаме ли свест за справувањето со е-отпадот?

Морам да кажам дека свеста кај нас сè уште е ниска. Луѓето често ги оставаат старите компјутери да собираат прашина или едноставно ги фрлаат таму каде што не треба. Со иницијативата покажуваме дека тие уреди можат да продолжат да живеат и да направат разлика во нечиј живот. Секој поправен и дониран компјутер значи и помалку отпад и тоа е една мала победа за животната околина. Ние, на крај, опремата која сме ја собрале и повеќе не може да се користи ја предаваме на компанија која се занимава со прописно нејзино уништување без да има штетни последици за околината.

– Кои се следните чекори за ,,Донирај компјутер”, велите дека главната ваша цел е во Македонија да нема дете без компјутер?

Мојата најголема цел останува иста, ниту едно дете во Македонија да не остане без компјутер. Знам дека звучи големо, но верувам дека е можно ако сите заедно придонесеме. Понатаму сакам иницијативата да добие и едукативна димензија, да не е само донација на уред, туку и поттик за дигитална писменост, за отворање нови шанси за младите.

К.О.

Слични вести