Бошко Стаменковски по трет пат ја освои титулата светски шампион во паурлифтинг и бенч прес, до 67,6 килограми, и го собори светскиот рекорд.
Од светското првенство кое што се одржа во Трутнов, Чешка, тој се врати како апсолутен победник.
Четириесет и шест годишниот спортист од Македонска Каменица редовно и носи злато на Македонија. Лани се пожали дека ниту државата, ниту Агенцијата за млади и спорт немале слух за него, како за истакнат спортист, па секогаш кога учествувал на некое првенство, самиот се снаоѓал и ги покривал трошоците со помош на спонзори.
И овојпат, за превенството во Чешка, трошоците за патување и сместување ги подмирил спонзор, рудникот Саса.
„По трет пат станав светски шампион. Првиот пат се случи во Лас Вегас во 2015 година, потоа во 2016 година во Србија, и сега во Трутнов, Чешка. Традиционално, како и пред секој друг натпревар, трчав по спонзори, но не жалам, бидејќи се вратив како шампион. Верувам дека конечно нештата ќе се сменат и ќе тргнат на подобро, бидејќи по долги години на немање слух за мене, од страна на многу институции, јас успеав да се сретнам со Дарко Каевски, новиот директор на Агенција за млади и спорт“ – раскажува шампионот.
Тој во минатото во повеќе наврати се жалеше дека и покрај сите златни медали и постигнати успеси под знамето на Македонија, од агенцијата редовно го одбивале за било каква помош. Неодамна, за да ги покрие трошоците за учество на Европски натпревар во паурлифтинг во Полска, пред градскиот пазар во Македонска Каменица собираше донации.
„По средбата со Каевски, верувам дека има надеж не само за мене, туку и за многу други истакнати спортисти, кои во минатото беа игнорирани и заборавени од институциите. Јас сум индивидуален спортист, и од агенцијата ми ветија помош во иднина“ – вели Стаменковски.
До пред неколку месеци директор на Агенција за млади и спорт беше Марјан Спасески. Откако владата го разреши, кон крајот на месец јуни, на негово место го именуваше Дарко Каевски, потпредседател на СДММ и активен учесник на протестите на Шарена Револуција.