Спасов: Ме лустрираа поради поддршката за студентите

by Фокус

Комисијата за утврдување на факти утврдила погрешно дека сум бил соработник на поранешната Служба за безбедност, врз основа на непроверени факти, реагира поранешниот министер и амбасадор Ѓорги Спасов, за кого лустраторите донесоа решение дека соработувал со тајната служба против луѓе што делувале од анархолибералистички позиции.

– Никогаш не сум соработувал со некогашната Служба за државна безбедност и овој вид на срамни политички конструкции, изработени врз основа некакви произволно напишани службени белешки од општински полицајци на некогашната УДБА, ќе бидет еден ден демаскирани. Во нив се тврди дека како асистент на Институтот, две години по смртта на Тито, односно во 1981, на некој општински полицаец сум му дал информација за постоење на анархолиберали меѓу новинарите на тогашниот весник „Студентски збор“ и сум ги нарекол псевдолиберали. Поголема глупост не можел да измисли ниту тој ниту Комисијата, но веројатно сега им било потребно да бидам дискредитиран откако ме видоа дека учествувам во студентскиот протест и во моите колумни ги подржувам студентите. Одлуките на оваа комисија се претвораат во доделување ордени од страна на власта на заслужните опозиционери – напиша Спасов на неговиот фејсбук-профил.

Дополнително, тој за Фокус изјави:

– Лустрациската комисија продолжува врз основа на непроверени факти и политичка нарачка да донесува одлуки со кои некои лица се прогласуваат за соработници на некогашните органи на државната безбедност. Тој процес добива до таа мерка карикатурални димензии што одлуките на таа комисија се доживуваат само како орден за заслужните опозиционери на сегашната власт. Добро е што граѓаните имаат можност сами да ги прочитаат приложените докази за наводната соработка и сами да се уверат во политичката инструментализација на Комисијата и убеден сум дека еден ден кога судот во Стразбург ќе ги поништи овие одлуки и многумина ќе се срамат од нивната улога во ваквите политички процеси и ќе одговараат…

Поврзани новости