Самостојниот синдикат на новинарите и на медиумските работници (ССНМ) е загрижен од одлуката на скопскиот Кривичен суд да ги блокира сметките на „Макпетрол“, а со тоа и на телевизијата Телма, постапувајќи по кривичната пријава на МВР против акционери во компанијата.
ССНМ верува дека во овој случај судот може непристрасно, професионално и непречено да дојде до правдата без да ги замрзне сметките.
– Стравуваме дека ако оваа состојба потрае, новинарите на Телма ќе останат без месечните приходи и ќе им се загрози егзистенцијата. Потсетуваме дека некои од најважните предуслови за професионално новинарство се економски силна и независна редакција и новинари кои не се оптоварени со грижа за преживување. Затоа предупредуваме дека со финансиското истоштување на Телма дополнително ќе се урниса медиумската слобода во Македонија, која според „Репортери без граници“, „Фридом хаус“ и според други релевантни меѓународни организација е крајно загрижувачка – се наведува во соопштението од ССНМ.