ССНМ го осуди нападот врз Саше Ивановски

by Фокус

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници го осудува вчерашниот физички напад врз Саше Ивановски, сопственик на интернет страницата „Мактел“.

„Крајно наелектризираната атмосфера во која фукнционира општеството доведува до вакви примитивни постапки, а неоткривањето на сторителите во некои претходни случаи ги охрабрува насилниците. Претепувањето на јавни личности е доказ дека во општеството не постои слободата на изразување и право на поинакво мислење. Бараме од Министерството за внатрешни работи итно да ги открие сторителите, да ги изведе пред лицето на правдата и за тоа да ја информира јавноста, со што ќе покаже дека во оваа земја никому не му е дозволено разликата во мислењата да ја решава со насилство. Во спротивно атмосферата на страв и насилство ќе биде дефинитивно востановена“, се наведува во соопштението на ССНМ.

Оттаму потсетуваат дека во демократска држава каква што треба да биде Македонија секој има право на слободно изразување, а доколку некој смета дека му се повредени честа и угледот има институции и организации до кои може да се обрати.

Поврзани новости