Самостојниот Синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) денеска објави кои се последиците врз новинарството од пржинскиот процес. Заклучоците се следниве:
„Дополнително исплашени и малодушни новинари. Уште посилна офанзива за отстранување на неподобните кои досега успеваа да се одржат и покрај притисоците. Нови прегрупирања и поделби.
Методот е веќе испробан и доведен до совршенство. Ситуацијата е таква што луѓето дури и да не се таргетирани се обидуваат по секоја цена да заминат од редакциите неможејќи да го издржат понижувањето на професијата на која и го посветија животот. Но, не можат сите да заминат. Пазарот не функционира, тоа е партиски пазар, во кој луѓето со интегритет имаат најниска цена.
Блокирана сметка на МРТВ, за која се сомнеавме дека е дел од партиските игри во пазарењата кој ќе го преземе јавниот сервис, а цехот за тоа да го плаќаат вработените. Наместо финансиска независност која ќе беше можна со зголемување на буџетот на МРТВ, како што бараа медиумските организации, а тоа е 1 процент од буџетот и укинување на радиодифузната такса, јавниот сервис се држи во состојба на економско заложништво.
Не очекувајте слободна и професионална информација во такви услови, но колеги новинари од МРТВ не очекувајте партиите доброволно да се откажат од можноста да ве држат во економска условеност.“
Од ССНМ велат дека тие се соочени со со медиумска хајка и оцрнување и со акција за формирање контрасиндикат кој по теркот на МАН не се формира да брани туку да урива. Додаваат дека конкретно како што МАН постои за да контрира на барањата на ЗНМ, сега се формира синдикат, по директива, за да контрира на ставовите на ССНМ.