Сојузот на синдикати (ССМ) бара продолжување на породилното отсуство на 12 месеци, враќање на можноста за пензионирање со исполнување на работен стаж, како и прогласување на сабота и недела за неработни денови. Барањата, како што се наведува во соопштението, ќе бидат стартна основа за преговори со владата која ќе се формира по изборите.
Во делот на пензионирањето сметаат дека треба законски секој да може предвреме да се пензионира на 60-годишна возраст ако има работен стаж од најмалку 15 години. Бараат и воведување на бенифициран стаж за градежните работници и за оние работници кои работат во тешки услови кои влијаат штетно на здравјето, како и пензија по дејности односно со закон да се предвидат едни услови за пензионирање на пример за градежен работник, текстилен работник или рудар од оној работник кој работи во администрација.
Во однос на договорите на определено време, ССМ смета дека тие треба да се користат само во исклучителни услови и да траат најмногу до една година.
ССМ укажува и дека во услови кога синдикалната минимална кошница за јуни 2020 година изнесува 33 487 денари, постои реална потреба од зголемување на минималната плата која согласно Европските препораки и тенденции треба да изнесува најмалку 60 % од просечната плата во државата.