Што пишува во програмите на Ковачевски и Деспотовски?

Социјалдемократска визија, растечка економија, ефикасно управување, отвореност, иновативност, мерливост - ова се дел од темелните програмски принципи на двајцата кандидати за нов лидер на СДСМ.

by Фокус

На истекот на рокот, во СДСМ пристигнаа 4 кандидатури за нов претседател на партијата по повлекувањето на Зоран Заев, кои треба да ги потврдaт партиските органи доколку се уредно поднесени. Но, само двајца од кандидатите ја бараат довербата од членството со програма, која е официјално објавена од страна на партијата.

Еден од нив е заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски, кој прв најави и поднесе кандидатура за учество на непосредните внатрепартиски извори. Заедно со кандидатурата, тој поднесе и програма за работа насловена како „Заедно, одговорно и посветено“.

„Во време на сериозни предизвици со кои се соочуваат нашето македонско општество и сите наши граѓани, но и во време кога на СДСМ, на македонската социјалдемократија и на левицата генерално им се потребни брзи и квалитетни промислувања, одлуки и зајакнувања, одговорно е да се преземат одлучни чекори и да се делува“, наведува Ковачевски во програмата.

НОВ АКТИВИЗАМ

Неговата програма се потпира на 3 носечки столба: социјалдемократска визија, растечка економија и ефикасно и одговорно управување. Ковачевски вели дека бара поддршка за „нов активизам“, во кој, како што посочува, сите би дале свој придонес во рамки на трите столбови.

„Може да создаваме ефикасен систем само ако законите, правилата, прописите важат еднакво за сите. Без правичност, правичен пристап и ефикасност во дистрибуцијата на правдата реално нема правда. Нашиот граѓанин, нашиот човек, бара правда и правичност“, стои во програмата на Ковачевски, кој смета дека голем проблем е и корупцијата.

Притоа, Ковачевски во програмата наведува дека народот на последните локални избори изнел „сериозни и основани забелешки за ефикасноста на спроведување на одредени реформи и за начинот на функционирање на институциите, на брзината со која се спроведуваат промените, на спориот систем кога е во прашање правдата, одговорноста, санкционирањето на корупцијата“.

КОНЦЕПТ 28

Втор од кандидатите за лидер на СДСМ што поднесе програма е директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски, чија програма носи наслов „Концепт 28“. Како што наведува тој, овој документ нема амбиција да ги редефинира програмите на Владата и на СДСМ, туку, како што објаснува, ќе служи како платформа концепт, со јасно дефинирани цели, принципи, организација, ресурси и мерливи резултати.

„Основна цел на „Концепт 28“ е обезбедување на повисок квалитет на живот за сите граѓани на Северна Македонија. Остварувањето на стратешките приоритети на земјата, како што се членството во ЕУ и НАТО, економскиот и општествениот раст и развој, образованието и здравството се патот по кој треба да се стигне до основната цел“, стои во програмата.

Во програмата, Деспотовски издвојува неколку принципи: луѓето, нивниот живот и потреби, отвореност во креирањето на политиките, иновативност во реализација на политиките, мерливост на резултатите, чесен пристап кон јавноста, промоција на позитивни вредности…

„За реализација на поставената цел, како и исполнување на презентираните принципи потребна е едноставна, разбирлива и ефикасна организација. СДСМ е голема организација, која има потреба од постојано менување, прилагодување и развој“, порачува Деспотовски.

Покрај нив, кандидатура за претседател на СДСМ поднесоа поранешната партиска потпретседателка и воедно министерка и пратеничка, Фросина Ременски, како и активистот од Куманово Властимир Алексовски. Но, тие не поднесоа програми.

В.С.

Поврзани новости