Денешното судско рочиште за случајот „Таргет и Тврдина” се одложи, бидејќи во 11 часот обвинетиот Сашо Мијалков треба да присуствува на јавна седница каде што ќе се одлучува за притворот, кој му беше одреден за случајот „Империја”.
Адвокатите на екс директорот на УБК побараа одложување на рочиштето, а судијата Џенета Бегтовиќ го прифати нивното барање.
Во 11 часот Мијалков и неговите адвокати ќе се обидат од Кривичниот совет во Основниот суд Скопје 1 да издејствуваат укинување на притворот, кој му го одреди судијата на претходна постапка Весна Димишкова.
Наредното рочиште за „Таргет и Тврдина” е одложено за 13 декември. Тогаш сведокот Ѓорѓи Лазаревски ќе продолжи со своето сведочење, а и директно ќе се соочи со Мијалков кој вкрстено ќе го испрашува.
Лазаревски на претходното рочиште обелодени како заедно со Звонко Костовски со години прибирале докази за аферата со масовното нелегално прислушување во УБК.