Српско изборно сценарио

by Fokus

Во Македонија не смее да помине изборното сценарио на Вучиќ со бројни нерегуларности и парламент без опозиција, кое не е српско сценарио, туку само на СНС и на Вучиќ. Исто како што, таканареченото „македонското сценарио“, кое самиот Вучиќ го крсти и честопати милуваше да го споменува во јавните настапи, беше само сценарио на Грујо и на ВМРО-ДПМНЕ

Пишува Горан ИЛИЈЕВСКИ

Изразот „македонско сценарио“, Александар Вучиќ долго го експлоатираше во Србија, држејќи го во страв и тензија сопствениот народ со случувањата во Македонија, кои, како што велеше, не смеат да се случат кај нив. Но, со правосилна и конечна судска постапка се утврди дека тоа било во организација на ВМРО-ДПМНЕ, нивна блиска и пријателска партија, со која и ден-денес се поддржуваат и помагаат. Режим оди со режим, иста школа, исти методи на одржување на власта. Од истото тоа „движење“ се и Орбан и Ѓукановиќ, кои имаат желба за авторитарно и вечно владеење по секоја цена.

Цената за одржување на режимот во Србија стана преголема. Се продолжи со застрашување, репресија и неадекватно справување со корона вирусот, каде што Вучиќ решава и се прашува за сѐ. На почетокот на пандемијата се тврдеше дека не треба да се има страв од „најсмешниот вирус“, потоа следеа закани за полни гробишта, ако не го слушаат, па преку ноќ короната запре, а се продолжи со лажни бројки на заболени и починати за да организираат избори без опозицијата. Сѐ уште е присутен стравот со кој перманентно се владее.

ПАРЛАМЕНТ БЕЗ ОПОЗИЦИЈА

На неодамна одржаните избори не излегоа ниту 50 отсто од гласачите. Имаше многу неважечки ливчиња и тие што не гласале на избирачки места, за кои Републичката изборна комисија (РИК) долго време не доставуваше точни проценти, а се претпоставува дека се од 6 до 8 отсто. Плус поради нерегуларности на дури 234 изборни места (над 200.000 избирачи), изборите се поништени и повторени со одлука на РИК.

Штабовите на СНС упатија наредба до сите нивни членови и поддржувачи, спротивно на уставно загарантираниот  принцип за тајност на гласањето (термин “сигурни гласови”) да гласаат до 10 часот наутро. Во тие неполни три часа, процентот на излезност на севкупното гласачко тело на СНС беше само 9.3 отсто, а по овој дебакл, почна со реализација изборното сценарио на владејачката партија. Сценарио, кое ќе се проучува и ќе влезе во учебниците како пример “како и со кои недозволени средства можат да се добијат изборите”.

Правењето на контролирана, вештачка опозиција не успеа и покрај намалувањето на цензусот од 5 на 3 отсто. И покрај тоа што се обезбедуваа потписи за поддршка за излез на изборите на некои партии, тоа резултираше со нелогично многу помал број на гласови на гласањето, со што стана јасно која била намерата: да се создаде лажна и контролирана опозиција. Освен СНС и СПС, во Парламентот влезе само Спас на Шапиќ , кој впрочем и самиот призна дека со задоволство би влегол во власта. Тоа значи дека Собранието на Република Србија ќе го сочинуваат само три партии, без ОПОЗИЦИЈА.

Пред изборите излезе снимка во јавноста од печатницата што ги печатеше ливчињата, каде што се виде дека матрицата однапред печатела и била во погон. Непосредно по изборите, на снимка се виде како поголема група млади луѓе со полни ранци влегува во РИК. Можеби за да се усогласи сценариото со излезноста.

Се потврди Титовата изрека: Не е битно кој гласа, туку кој брои! Правило кое доминираше и на овие избори, бидејќи составот на изборни комисии беше строго контролиран. А , контролирано беше и кој ќе стане опозиција, па така во Врање, Партијата на војвоѓански Унгарци (Маџари) доби над 1.200 гласови за Парламентот, а во Врање дури и немаа листа за локални избори, а никој не спомнува колку Унгарци, воопшто, има во Врање!?

По 10 часот, ширум Србија настана вистински  лов на гласови со телефонски повици, закани, уцени, влегување по домовите и носење на гласање… Се праќаат пораки, пак, да гласаат тие што веќе гласале, само со други имиња, а комисиите внимаваат само да нема повеќе ливчиња во кутиите, од тие што излегле. Ама, пак, нема излезност…

Половина час по завршувањето на изборите, СНС соопшти дека излезноста е 50,2 отсто, РИК не соопштува неколку дена која е излезноста, само кажува дека е убедлива победата на СНС со над 60 отсто од гласовите… Арно ама од која излезност!? Дури денеска (недела), дури две недели од изборите, РИК излезе со официјални податоци дека излезноста е под 50 отсто, или поточно 48,9 отсто, од кои СНС доби 60,65 отсто. Тоа значи дека од вкупното гласачко тело во Србија, Вучиќевата СНС ја има поддршката од 29,65 отсто гласови, додека дури 70 отсто од граѓаните на Србија не гласаа за Вучиќ и не го поддржуваат.

Кога на референдумот за Преспанскиот договор во Македонија гласаа 35 отсто од вкупното гласачко тело за поддршка на договорот на Заев, Вучиќ арогантно изјави дека би дал оставка, доколку би имал толку мала поддршка од гласачите. Ќе даде ли сега оставка? Но, не е прв пат Вучиќ да не го одржи зборот и да излаже. Оставка вети и на местото претседател на СНС кога ќе биде избран за претседател на државата, но и тоа не го оствари. Да те потсетам Вучиќу , тоа го кажа повеќепати, а го вети последен пат во јуни!

Срамота! Вакво сценарио со изборите во Србија, во Македонија не смее и не може да се случи. Од оправданата констатација за хибридна држава (Фридом хаус), со недемократски институции, првенствено Парламентот, со целосно партократска државна и локална администрација, Србија со вакво изборно сценарио станува апсолутистичка диктатура со безличен едноумен Парламент, како највисок орган на парламентарна демократија, која во Србија повеќе не постои.

ПОДДРШКА ПОМАЛА ОД 25 ОТСТО

Политичкиот систем во Србија е уништен, се владее со поддршка помала од 25 отсто, бидејќи реалната излезност е под 40 отсто, како резултат на нерегуларните гласови, неважечките и криминално дополнуваните ливчиња, повеќекратното и контролирано гласање.

Сериозно е разнишано владеењето на Вучиќ, бидејќи тој ги узурпира сите институции во Србија и со нив сака да владее надвор од уставните надлежности што ги има. Дел од Кризниот штаб за справување со корона вирусот призна дека немаат ниту валидни информации, ниту струката се прашувала за одлуките.

До денес од Европа, освен Орбан, никој не му ја честита Пировата победа на Вучиќ, а ЕУ го замрзна отворањето на поглавјата за преговори за членство во ЕУ. Голема храброст или лудост е да бидеш диктатор во 21 век во Европа, да го манипулираш сопствениот народ и да мислиш дека така можеш да траеш и да опстојуваш. Може да се контролираат медиумите, институциите, сопствените полтрони и послушници, ама народот не може уште долго да се контролира. Тој чувствува и трпи, само не се знае до кога.

Поради сето тоа, во Македонија не смее да помине изборното сценарио на Вучиќ, кое не е српско сценарио, туку само на СНС и Вучиќ. Исто како што, таканареченото „македонското сценарио“, кое самиот Вучиќ го крсти и честопати милуваше да го споменува во јавните настапи, беше само сценарио на Грујо и на ВМРО-ДПМНЕ. „Српското сценарио“ допрва доаѓа, но не треба да се дозволи да се инсценира. Народот допрва ќе решава, па ќе се дознае кому ќе му ја даде поддршката.

Не така одамна, дознавме за сите малверзации што се правеа во изборните штабови на ВМРО-ДПМНЕ на минатите избори. Тоа не треба да се заборави и да се дозволи да се повтори. Тогаш, Македонија успеа да го победи режимот и затоа не треба да се дозволи да се врати.

Верувам дека и Србија еден ден ќе се избори со режимот!

(Авторот е претседател на Партијата на Македонци во Србија)

Поврзани новости