На Вангеловски ќе му се суди зошто на судијката Неделкова не и исплатил додаток на плата

by fokus

Обвинителството денеска информираше дека поднеле обвинителен предлог против поранешниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски. Од обвинителството појаснуваат дека на крајот на 2018 година Вангеловски донел поединечни решенија за сите судии на Врховниот суд со кои им го утврдил додатокот на плата за месец ноември во износ од 35 % од основната плата,  кој согласно законот им следува за посебни услови за работа, постоење на висок ризик и доверливост.

Но, она за што го гонат е бидејќи од листата испуштил една судијка, односно одлучил дека додаток на плата не треба да земе судијката Лидија Неделкова, дознава “Фокус” од добро упатени извори.

-Притоа, свесно, со намера потешко да и ги повреди правата, обвинетиот не донел Решение за исплата на додаток на плата во износ од 31.839,00 денари за оштетената – судија во Врховниот суд, која во конкретниот период не користела отсуство од работа, велат од обвинителството.

Вангеловски набрзо ќе седне на обвинителна клупа, бидејќи во случај на поднесен обвинителен предлог не се оценува обвинението, туку веднаш се закажува главна расправа. Тој се гони за кривичното дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

За коментар го побаравме Вангеловски, но тој не врати на нашата порака.

Вангеловски од функцијата судија и претседател на судот официјално беше разрешен во март, поради несовесно вршење на функцијата, односно поради укинување на притворот на бизнисмен Сеад Кочан во 2017 година, додека тој беше во бегство.

Валентина Вурмо

Поврзани новости