Надлежните во Калифорнија трагаат по маж обвинет за инцест, додека неговата 14-годишна ќерка е обвинета за убиство во врска со смртта на новороденче.
Бебето, кое полицијата го нарече „Бебе Анхелита“, било пронајдено покрај пат во северниот дел на округот Монтереј утрото на 1 август, соопшти Канцеларијата на шерифот на округот Монтереј, пренесува „Law&Crime“.
Во меѓувреме, 36-годишната Офелија Гарсија Ортега е уапсена за загрозување на безбедноста на дете, додека полицијата продолжува да трага по 38-годишниот Серхио Галвез Перез и неговата 14-годишна ќерка, за која се верува дека е мајка на новороденчето.
Полицијата верува дека Перез го „крие“ девојчето и „ги спречува органите на редот да го пронајдат“.
Според канцеларијата на шерифот, полициски службеници го пронашле „Бебе Анхелита“ мртво и со знаци на траума околу 8:30 часот наутро на 1 август, откако добиле пријава за бебе оставено покрај патот.
Понатамошната истрага открила дека 14-годишно девојче се породило покрај патот, по што, наводно, го оставило новороденчето на земја.
Користејќи камери од системот „Flock“, истражителите лоцирале „возило од интерес поврзано со истрагата за убиството“, се наведува во соопштението.
Засега не е јасно каква е врската на Ортега со Перез, односно со девојчето и новороденчето.