Фудбалерот Лука Модриќ даде опширно интервју за шпанскиот спортски весник „Марка“, во кое главно зборуваше за периодот поминат во Реал Мадрид.
Модриќ настапуваше за „кралскиот“ клуб од 2012 до 2025 година, запишувајќи 394 настапи за тимот од шпанската престолнина.
Во тој период, тој постигна 30 гола за „кралевите“ и освои многубројни трофеи.
Во интервјуто, Модриќ се осврна и на денот на своето збогување со Мадрид, нагласувајќи дека се сеќава на тоа со голема гордост.
– Тоа беа многу емотивни денови, навистина емотивни, бидејќи знаев дека најубавата фаза од мојата фудбалска кариера се ближи кон крајот. Но, се сеќавам со голема гордост и силни емоции. И денес понекогаш ги гледам тие снимки, иако помина повеќе од една година. Кога гледате слики од луѓе на трибините како плачат, сите пораки и сè останато, тоа ве исполнува со гордост и задоволство; знаете дека сте направиле нешто важно во најголемиот клуб на светот – истакна тој.
Потоа изјави дека потешко му било да се збогува со Реал отколку да се навикне на тоа дека веќе не е дел од тој клуб.
– Мораш да се навикнеш на фактот дека еден ден сè ќе дојде до крај. Фудбалот и другите работи… Се одвојуваш од некои работи што си ги доживеал целосно. Мислам дека ми беше потешко да кажам „збогум“ отколку да дојдам овде и малку по малку да се навикнам на нова секојдневна рутина, нова реалност, нов клуб. Не беше лесно да се каже „збогум“, но, како што реков, тоа е дел од животот. Кога знаеш дека си дал сè од себе, дека си направил сè што е во твоја моќ за овој клуб, си заминуваш со крената глава. Јас си заминав со крената глава – изјави хрватскиот фудбалер.
Тој истакна дека е неверојатно чувство да се биде играчот со најмногу освоени трофеи во клуб како Реал Мадрид.
– Навистина е неверојатно. Никогаш не сум замислувал вакво нешто. Доаѓаш во клуб каде што знаеш дека ќе се бориш за титули – тоа е нормално за толку голем клуб – но ниту во најсмелите соништа не очекував дека ќе станам играчот со најмногу трофеи во историјата на клубот. Не затоа што ми недостасуваше самодоверба или затоа што мислев дека нема да успеам таму, туку… колку играчи поминале оттаму? Колку легенди? Колку икони на Реал Мадрид? Да се биде играчот со најмногу титули е навистина неверојатно. Никогаш не сум го замислувал тоа – нагласи Модриќ.
На прашањето што му дал Реал Мадрид покрај титулите, тој вели дека научил никогаш да не се откажува.
– Секогаш да се борам до крај, секогаш да верувам, секогаш да го давам својот максимум. Иако тоа е дел од мојот карактер, од тоа кој сум, Реал Мадрид ти го дава тоа во уште поголема мера, ти го всадува длабоко во себе. Мислам дека тоа е најважното нешто што можам да го кажам – заклучи Модриќ во интервју за весникот „Марка“.
Модриќ освои 28 трофеи во дресот на Реал Мадрид, вклучувајќи шест титули во Лигата на шампионите, четири во Ла Лига и два Купа на кралот.