Српски криминални групи регрутираат млади Македонци: За суми од 20.000 до 50.000 евра добиваат нарачки за убиства?!

by valentina 20:29
20:29

Текстот е објавен во неделникот ,,Фокус” на 15 октомври, во број 1567.

Пишувала: Валентина ВУРМО

Обезглавени тела, оружје и експлозив, како и остатоци од мелница за месо… Вакви фотографии пред четири години ја шокираа српската, но и европската јавност, кога тамошното МВР упадна во куќата на Вељко Беливук, водач на криминална банда. Озлогласениот водач, заедно со уште 20 члена на бандата „Беливук“, беа успаени под сомненија за најбрутални злосторства, како киднапирање, убиства, изнуди, нелегално поседување оружје и трговија со дрога.

-Неколку примероци од месо од разни жртви беа пронајдени во мелница за месо, сместена во куќата што ѝ припаѓаше на групата „Беливук“ во Белград, информираа српските власти во 2021 година.

Информациите беа дека оваа група мачела, убивала и на крајот ги мелеле остатоците од жртвите на најгрозоморен начин, со цел да ги сокријат доказите за убиствата. Поточно, групата беше обвинета за четири убиства на лица поврзани со раководството на криминалниот Шкаљарски клан во Грција во 2020 година.

Иако откривањето и затворањето на оваа опасна криминална банда беше голем успех за српските истражни органи, сепак тоа не стави крај на оперирањето на останатите криминални групи, кои сè уште „роварат“ низ Србија, но и во регионот.

Во врска со српското подземје, во изминатиот период стигнуваат загрижувачки информации и до македонските безбедносни служби, кои ја засегаат и нашата држава. Сознанијата, до кои дојде „Фокус“ од свои извори, се дека неколкумина момчиња се „регрутирани“ од српското подземје за наводно извршување кривични дела, поврзани со меѓусебните пресметки на криминалните банди.

ЗОШТО МОМЧЕТО БИЛО ВО СТАН СО ЕКСПЛОЗИВ?

Но, да почнеме од почеток. Иако информацијата била позната од одамна, алармот во безбедносните служби повторно се вклучи, по неодамнешниот трагичен настан, кога во стан во Белград со експлозив беше разнесен 21-годишниот Мартин Сипковски. Српските медиуми објавија дека во изнајмениот стан имало околу 1,5 килограм експлозив „Пентрит“. Истрагат допрва треба да утврди што барал Сипковски во стан со експлозив, додека требало да биде во својот дом во Скопје, каде што ја издржувал мерката куќен притвор. Засега има две страни на приказната.

Според дел од српските медиуми, кои се повикуваат на неофицијални информации, момчето загинало поради непрофесионално ракување со експлозив, кој наводно бил наменет за ликвидација на членови на криминална група од Нов Белград, односно за водач на навивачка група.

Но, приказната на таткото на Мартин, Дејан Сипковски, е сосема поинаква. Тој во обраќањето до јавноста посочи дека неговиот син бил студент на Факултетот за менаџмент, манекен и поранешен ракометар на РК Вардар – млад човек со многу енергија, големи соништа и надежи за иднината.

-За жал, неговиот живот беше прекинат на многу трагичен и неразјаснет начин. Во јавноста се појавија бројни шпекулации и неточни информации дека Мартин бил поврзан со поставување експлозив. Сакам јавно и одговорно да кажам дека тоа не е вистина! Мојот син беше бунтовен, како и многу млади луѓе во тие години. Имаше детски и пубертетски грешки, но никогаш не бил насилен човек и никогаш не би одзел туѓ живот. Имаше судири со законот, но никогаш поврзани со тежок криминал, изјави таткото на Мартин.

Фактите, пак, од скопското обвинителство говорат дека Сипковски имал сериозно криминално досие. Поточно, пред само три месеци, со првостепена пресуда, бил осуден на седум и пол години затвор за обид за убиство. Настанот се случил минатата година, кога со нож било избодено едно лице. Во јуни годинава била донесена и пресуда.

„На 26.12.2024 година, по спроведена истрага, ОЈО Скопје поднесе обвинение за кривично дело – Убиство (во обид), а по спроведена судска постапка, на 3.6.2025 година, обвинетиот е огласен за виновен и осуден на казна затвор во траење од 7 години и 6 месеци“, појаснија од скопското обвинителство.

По изречената пресуда, надлежниот обвинител побарал притвор за осудениот, но судот го оставил во куќен притвор, од каде што и избегал.

Инаку, против осомничениот биле активни постапки и за кривични дела – насилство, предизвикување општа опасност и разбојништво, во рамките на кои се поднесени уште две обвиненија кои се во судска постапка.

Таткото на Мартин, пак, вели дека сите докази укажувале дека неговиот син воопшто не бил присутен на местото на настанот.

-Особено е важно да се нагласи дека Мартин не беше првообвинет во случајот. Под сомнителни околности, подоцна беше вклучен во процесот, иако првообвинетиот одамна е избеган во Белград и не живее во Македонија. Според достапните информации, првообвинетиот има сериозно криминално досие.

Нашето семејство смета дека ваквиот тек на настаните е длабоко неправеден и бара сериозни одговори како и зошто Мартин бил вовлечен во нешто со што немал никаква вистинска поврзаност, вели Сипковски.

Тој додава дека неговиот син бил исплашен и разочаран, па затоа избегал.

-Тој замина во Белград – исплашен, збунет и, како што веруваме, измамен и злоупотребен од луѓе, кои ја искористиле неговата доверба и страв. Постојат основани сомнежи дека Мартин бил наведен и наместен, изложен на притисок да побегне во Србија, со лажни ветувања дека подоцна ќе може да замине во трета држава, тврди таткото.

ДВАЈЦА ПОСРЕДНИЦИ РЕГРУТИРААТ МАКЕДОНЦИ ЗА ПРЕСМЕТКИ НА СРПСКОТО ПОЗДЕМЈЕ

Како и да е, се очекува истрагата да ги открие мотивите на младото момче, поради кои заминал за Белград, и бил во стан во кој имало експлозив.

Сепак, како што дознаваме, овој немил настан ги размрда разузнавачките служби да постапуваат по сознанија кои веќе ги имале одреден период, а тоа е дека неколкумина други млади момчиња, на возраст од 18 до 22 години, наводно биле регрутирани од криминални банди во Србија. Нашите информации говорат дека тоа се млади, најчесто со криминални досиеја, или со пороци, како дрога и коцкање. Според изворот на „Фокус“, регрутацијата ја вршат двајца посредници, од кои едниот бил позната јавна личност.

-Им се пристапува со понуда за брза заработувачка на голема сума на пари од 20.000 до 50.000 евра. Откако ќе влезат во „игра“, најпрвин ги носат во Ниш или Врање, а потоа ги сместуваат во Белград, каде што добиваат обука. Нивна задача е да сторат кривично дело, да постават бомба, да извршат напад…, и за тоа да добијат голема сума, објаснува нашиот извор.

Тој додава дека станува збор за меѓусебна пресметка на криминални банди од српското подземје, на кои им е полесно да регрутираат странци, за потешко да бидат откриени од тамошната полиција.

„Фокус“ побара одговор од Агенцијата за национална безбедност (АНБ), дали имаат информации дека се „регрутирани“ млади македонски државјани од криминални кланови во Србија.

-Агенцијата согласно своите надлежности будно ја следи ситуацијата со инволвираноста на македонски државјани во транс национални криминални групи и преку меѓународна соработка презема сет од превентивни мерки за попречување на ваквите активности, одговорија од АНБ за „Фокус“.

Од Агенцијата за национална безбедност додаваат дека не можат да споделат повеќе детали, поради сензитивноста на информациите.

-Агенцијата е во постојана комуникација и со државни органи надлежни за спроведување на истраги и кривично правен прогон со кои навремено разменува информации, а со оглед на сензитивноста на информациите, во моментов не можеме да споделиме повеќе информации, појаснуваат од АНБ.

ИДОЛ ИМ Е БЕЛИ ВУК

Познавачи коментираат дека, за жал, на голем број млади во Македонија, но и од регионот, идоли им се лица од подземјето, па на пример се угледуваат на припадници на мафијата „Бели вук“. Привлечени од можноста за брзата заработувачка, не трошат многу време да размислат за последиците.

Акцијата за соборување на оваа мафија, пак, српските властите ја означија како еден од најголемите успеси во борбата против организираниот криминал. Според официјалните лица, оваа група функционирала како дел од црногорскиот криминален клан „Кавач“.

Обвинението ги објаснува убиствата на Стеван Стаматовиќ и Игор Дедовиќ во Атина во јануари 2020 година и Алан Којар и Дамир Хаџиќ на Крф во јули 2020 година. Овие лица биле високи членови на Шкаљарскиот клан, група вклучена во тековни криминални конфликти на Балканот.

Водачот Вељко Беливук е познат и како водач на навивачката група „Партизан“. Па апсењето, претседателот Александар Вучиќ ги нарече Бели вук и неговите соработници „подружница“ на црногорскиот криминален клан „ Кавач“ и посочи дека во Србија биле создадени две криминални групи, обете со црногорско потекло, алудирајќи на „шкаљарскиот“ и „кавачкиот“.

Судирот меѓу двата клана од преградијата на Котор во Црна Гора, а поврзан со бизнисот со дрога, трае од 2014 година. Извештајот на безбедносно информативната агенција на Србија, вели дека посериозни криминални групи од Србија и Црна Гора застана на страната на кланот „Кавач“.

Оваа расправија значително се одрази на Балканот, што резултираше со бројни криминални активности и насилни судири.

Српските истражувачки новинари тврдат дека дел од мафиите имааат поддршка од државата.

-Бидејќи криминалците имаат „свои“ луѓе во државните структури, тие брзо дознаваат дали по нив се распишани меѓународни потерници или се случува, иако по нив има распишано и потерници од Интерпол, никој да не ги апси. Дури и членовите на клановите што се во судир обично добиваат лажни лични документи, како пасоши, од ист извор во полициите во регионот. Најопасните криминалци, како по правило, приватно обезбедуваат државни службеници што работеле или сè уште работат во тајните и службите за јавна безбедност, изјавила новинарката Јелена Зориќ од „Балканската истражувачка репортерска мрежа.

ИМАМЕ И ДОМАШНО КРИМИНАЛНО ПОДЗЕМЈЕ

Македонските разузнавачки служби имаат доволно работа и со домашното подземје, кое во изминатиот период излезе на виделина.

Од едната страна е групата Грчец-Дуќанџик, која до неодамна го „држеше “ пазарот со кокаин. Лидер на оваа група е Шеваљ Муареми, кој според тоа што го објавувал на социјалната мрежа Инстаграм, е во Дубаи, откако побегна пред полициска акција именувана како „Планина“ во Грчец во март 2021 година.

Контра бандата од другата страна е сојузот составен од неколку помали банди од кои најпозната е кланот „Беланоца“ со база во Сингелиќ и Арачиново. Во оваа група влегуваат и криминалните банди именувани како Барон. Оваа група беше разбиена од истражните органи, па во тек е судски процес, во кој на бандата, на чело со лидерот Фатљум Ајети Тоте, и се суди за 8 убиства, изнуди, закани, како и палење на објекти и возила.

-Ќе видиме луѓе кои од една страна се декларираат како верници и муслимани, а од друга страна се вмешани во убиства, дрога, проституција, а дека еден имал желба да изврши самоубиствен напад во толпа луѓе, а на истото го учел и неговиот син. Денес кројат планови заедно, а утре се ликвидираат меѓусебно, рече во воведниот говор обвинителката Верица Бержетска-Крстева.

Ривалството на оваа криминална група со групата од Грчец, бил и еден од главните мотиви за убиствата, но имало и други. Посегнувале по туѓ живот и само поради искажани пцости.

Во еден случај мотив било и тоа што лидерот на бандата се сомневал дека една од жртвите соработувала со истражните органи во предметот „Монструм“.

Станува збор за убиството на Ибраим Ајдини извршено летото во 2020 година, или 8 години по петкратното убиство кај Смиљковското Езеро.

-Лидерот во име на радикално движење понудил и платил 10.000 евра за убиство, мотивиран од сомнение дека жртвата соработувала со институциите во предметот „Монструм“. Жртвата била застрелана во својот дом, со истрел во главата, појаснија од Обвинителството.

Иако немало никакви докази за поврзаноста на жртвата со истрагата за „Монструм“, сепак членови на Беланоца сметале дека тој ги предал двајцата избегани во Косово, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири.

Овие ликвидатори не се мислеле многу пред да го повлечат чкрапалото. Парите, луксузните автомобили и моќта во подземјето, им биле мотив кој ги правел безмилосни.

Нешто слична е логиката и на младите регрутирани момчиња во Србија. Сепак постои надеж дека разузнавачките служби им се зад петици, па ќе успее да ги спаси нивните животи, но и на нивните мети.

Слични вести