Српската опозиција најави голем народен протест на 13 април

by fokus

Српските опозициски партии и граѓански здруженија, потписници на Договорот со народот од протестите „Еден од пет милиони“, на денешната средба констатираа дека „режимот на Александар Вучиќ нема исполнето ниту едно барање кои се дефинирани од страна на граѓаните за време на протестите, што траат повеќе од четири месеци во повеќе од 100 градови и општини во Србија, соопшти прес-службата на Сојузот за Србија (СзС).

– Уште од самиот почеток на протестите Александар Вучиќ изјави дека нема да исполни ниту едно барање од нас кои протестираме. Тоа е единственото нешто што го кажа досега, а да нема излажано. И затоа на 13 април во 15 часот на платото пред Собранието на Србија организираме голем народен протест. Ги покануваме сите граѓани заедно да кажеме НЕ на бруталната злоупотреба на медиумите, арогантното уништување на институциите, грабежот на стопанските ресурси, кршењето на демократските принципи и оспорување на човековите права во режија на Александар Вучиќ и неговиот „напредњачки“ клан кој ја окупира земјата и создаде заробено општеството, се наведува во соопштението на СзС.

Потписниците на „Договорот со народот“, заедно со организаторите на протестот „Еден од пет милиони“, се согласни дека мирните граѓански протести од тој ден влегуваат во нова фаза, која ги вклучува сите форми на ненасилна граѓанска непослушност.

– Пред големиот народен протест, во рамките на редовните протести, в сабота на 6 април ги повикуваме граѓаните на шетање, од зградата на Владата на Република Србија, која ги игнорира граѓаните до зградата на ТВ Пинк, која ја злоупотребува националната фреквенција за да шири омраза и ги етикетира политичките противници на Александар Вучиќ.

Оваа практика, оценуваат од СзС „го уништува демократскиот капацитет на општеството и предвесник на физичкото насилство кое континуирано се спроведува над граѓаните кои го изразуваат своето противење на оваа криминална и арогантна власт.“ СзС потенцира дека најтрагичен пример за ова практика на ТВ Пинк е скандалозна кампања која претходеше пред ликвидацијата на Оливер Ивановиќ, која и понатаму е без правен епилог.

Поврзани новости