На само два дена пред протестниот марш, средношколците во повеќето скопски гимназии се изложени на големи притисоци и закани од директорите и дел од наставниците. Тие тврдат дека секојдневно ги пречекуваат на училиште со закани, дека ако не го прекинат бојкотот на наставата, матура ќе имаат можност да полагаат дури во август, со тоа што ќе го испуштат уписниот рок за факултетите.
– Откако почнавме со бојкотот на наставата, секојдневно сме под притисок и закани, но ние не попуштаме. Разочарани сме од игнорантскиот однос на министерот за образование Абдулаќим Адеми, кој не сака да не прими на средба за заеднички да најдеме решение за проблемите во средното образование. Директорите секојдневно ни се закануваат, а заканите одат до таа мера што ни велат дека матура ќе полагаме дури во август. Смешно е повеќе од 18.000 средношколци да бојкотираат, а да нема кој да ги сослуша – велат за „Фокус“ од Средношколскиот пленум.
Според неофицијални информации на „Фокус“, првиот човек во образованието не сакал да има никаква средба со средношколците, а за тоа вчера биле известени од претседателите на класовите. Тие биле инфоормирани дека министерот Адеми нема намера за никаква средба.
Средношколците вчера преку соопштение повикаа на трет средношколски протест во четврток.
– Да се изјасниме гласно, затоа што тишината не е решение! Ова е апел до граѓаните. Апел до учениците, родителите, наставниците и студентите. Уште еднаш да покажеме дека и покрај вашето игнорантно однесување, пленумот цврсто стои зад своите барања.
Оваа наша сплотеност може да укаже на 3 работи, дека не може нашето знаење да се покаже преку тест со 30 прашања, дека не го подобрувате образовниот процес со бинго- тестови на среќа и дека не дозволуваме да си играте со нашата иднина – пишуваат од Средношколскиот пленум.
Поддршка добија и од студентите. Тие ќе маршираат заедно со нив, но својот марш ќе го почнат од Платото на УКИМ.
– Студентскиот пленум повторно повикува на студентски марш, овој пат на марш за поддршка на Средношколскиот пленум, на ден 23.04.2014 со почеток во 12:00 на платото на УКИМ. Веројатно многумина од вас ќе се запрашаат зошто токму марш? Зошто не само поддршка по социјалните мрежи и преку соопштенија за јавност? Затоа што сме дел од еден заеднички образовен систем. Затоа што овие ученици се нашите идни колеги, нашите браќа, сестри, братучеди, комшии, другари. Затоа што со овие ученици утре треба да градиме заедничка иднина. Затоа што исто како и нас, никој не сака да ги слушне – се наведува во соопштението од Студентскиот пленум.
Средношколците ја бојкотираат наставата веќе трета недела по ред