По втората средба на преставници на Средношколскиот пленум со министерот за образование Абдулаќим Адеми и неговиот заменик Спиро Ристовски се очекува позитивно решение на проблемот во корист на средношколците. Според нив, по оваа средба постои надеж да се врати стариот концепт на државна матура.
– На вториот ден од отворањето на новиот средношколски фронт, Средношколскиот Пленум ја одржа втората средба со Министерството за образование и наука. Иако, на средбата не беше постигнат финален компромис и нашите барања не беа усвоени, според преговорите Средношколскиот Пленум смета дека истите се движат во позитивна насока. Преговорите како и одржувањето на средношколскиот фронт и бојкотот на наставата во средните училишта продолжува во наредните денови – се наведува во соопштението од Средношколски пленум.
Во меѓувреме, бојкотот и кампувањето на средношколците во Паркот на новинари сптои зградата на МОН, продолжува.
Тие велат дека се подготвени да продолжат со преговорите со ресорното министерство, но најголемо отстапување кое може да го направат е само враќањето на стариот концепт на полагање.