Околу 200 тетовски средношколци од сите 5 средни училишта денес протестираа пред зградата на Општина Тетово, објави СДК. Иако поминаа 20 денови од почетокот на учебната година за средношколците кои живеат надвор од градот сѐ уште не е обезбеден превоз до училиштата. Тие сега или не одат во училиште или самите го плаќаат превозот.
“Секој ден за превоз плаќам 70 денари, а ни велат дека превозот до училиштата е бесплатен. Нека седнат овие од Општинава и нека се договорат со превозниците, зашто вака веќе не оди“, вели средношколец од тетовската гимназија кој живее во село Пирок.
Протестот започна пред општинската зграда, но откако никој не ги прими, учениците влегоа во зградата, иако полицијата се обидуваше да ги спречи, но не успеа. Потоа разговараа со раководителот на Секторот за јавни дејности, но незадоволни и без одговори си заминаа дома.