Средношколци, наставници и родители од утре ја блокираат улицата пред МОН

by Фокус

По една недела кампување пред Министерството за образование и веќе трета недела бојкот на наставата, средношколците од утре ги интензивираат случувањата. Тие досега неколку пати имаа средби со ресорниот министер Абдулаќим Адеми, неговиот заменик Спиро Ристовски и вицепремиерот Владимир Пешевски, но не се задоволни од досегашните преговори, па од тие причини учениците заедно со своите наставници, родители и останати граѓани во текот на наредните два дена почнувајќи од 17 часот ќе ја блокираат улицата пред МОН со намера надлежните да попуштат во својот став и да ги продолжат преговорите со нив.

-Средношколскиот пленум ве повикува среда и четврток со почеток во 17 часот сите да се собереме и да излеземе на протест пред министерството за образование и наука. Тие сакаа да си поиграат со нас и сега ќе не видат на улица, заедно со нашите родители, нашите наставници со сите граѓани кои не поддржуваат. Останува да пробаме да издејствуваме уште една средба да се постигне компромис околу екстерното тестирање, ако не ние не се повлекуваме од тука – велат средношколците.

Тие објаснуваат дека се под постојани притисоци и закани од директорите и дел од професорите, но остануваат на ставот дека нема да им попуштат, иако заклучно со денеска истекува рокот за поднесувањето пријави на матурантите за полагање на државната матура.

Средношколците велат дека со овие пријави се врши притисок и не им е јасно зошто по четврти пат ги пополнуваат, меѓутоа денеска ќе го сторат тоа, а интензивирањето на бојкот преку мирен протест на улица ќе докажат дека нивната битка продолжува. Досега околу 10 илјади граѓани се потпишаа на петицијата за поддршка за средношколците.

Поврзани новости