Средношколски глас на протест пред МОН против полагање државна матура

by fokus

Организирани од Средношколски глас, ученици попладнево протестираат пред Министерството за образование и наука против полагање државна матура. Сметаат дека и за оваа генерација, како и за минатата, треба да биде укината зашто и натаму трае епидемијата и наставата на далечина.

Во повикот „На протест. Стоп за државната матура“, од Средношколски глас соопштија дека средношколците се „против дополнителен хаос во образованието“ и дека и онака немањето услови за настава се отежнува со дополнителни неосмислени програми за полагање на матурата.

– Образованието ни виси на конец, не можеме да го стекнеме вистинскиот обем на учење и добивање практично и теоретско знаење, и полагањето на матура за учебната 2020/2021 година е невозможно на начин каков што е предложен од страна на Министерство за образование. Физичко присуство на учениците за еден од предметите, а дел да се полагаат онлајн воопшто не е соодветен модел да се полага државна матура, велат од Средношколски глас.

Претставници на матурантите од Средношколскиот сојуз, пак, оваа недела имаа средба со министерката за образование и наука Мила Царовска во врска со полагањето државна матура.

По консултации со сојузи од регионот и од Европа, Сојузот прифаќа да се полага државна матура, која и оваа година се организираше во други држави, но побара помалку да е застапен материјалот откако почна пандемијата и бројот на екстерни испити да се намали од три на два.

Од МОН е прифатено првото барање и испитете ќе се полагаат по скратени програми, но не и второто барање затоа што, како што нагласи вчера Царовска, не може во од да се менува концепцијата за матурата, но дека ќе има промени за наредната генерација во учебната 2021/2022 година.

Поврзани новости