Државната компанија за производство на струја АД ЕСМ или поранешно ЕЛЕМ склучи спогодба и договор во постапка со преговарање без претходно објавување на оглас со Марковски Компани, во вредност од над милијарда денари или скоро 19 милиони евра, покажува документацијата од надлежните институции што ја обезбеди Фокус.
Според официјални податоци, се работи за склучување на рамковна спогодба со еден економски оператор за период од 12 месеци, која се однесува за „проширување на изработка на усек за раздвојување во ПК ПЈС“, врз основа на која, пак, потоа е склучен и договор меѓу АД ЕСМ и Марковски Компани.
Претходно, државните електрани побарале и добиле позитивно мислење од Бирото за јавни набавки за да спроведат постапка по пат на директни преговори, бидејќи, како што стои во одлуката, поради крајна итност и непредвидени работи не можат да се запазат роковите предвидени во таканаречената отворена постапка со објавување на оглас.
Но, во самото мислење од БЈН се наведува дека тоа се однесува исклучиво за постапката за преговарање согласно настаната ситуација за договорниот орган и, како што се нагласува, не се однесува на избор на конкретен економски оператор.
Од објавените информации произлегува дека договорниот орган на преговори повикал вкупно 4 компании, односно избраниот економски оператор „победил“ во конкуренција на 3 други фирми, меѓутоа не е наведено за кои компании станува збор.
Се обративме до АД ЕСМ(ЕЛЕМ) и РЕК Битола, со прашање кои компании биле повикани на преговори и според кои критериуми, како и дали можело навреме да се предвиди потребата од ваква набавка за да се спроведе транспарентна отворена постапка со објавување на оглас, во која може да се јави било која заинтересирана компанија? Одговорите ќе ги објавиме веднаш штом ги добиеме.
Во тендерската документација и техничките спецификации на јавната набавка, меѓу другото, се наведува дека фазата на експлоатација на ПК ПЈС подразбира ископ на јаглен и јаловина, но истовремено и спроведување на технички решенија за одбрана на копот од површински (атмосферски) води, со цел непречена работа на механизацијата.
„Едно од решенијата за заштита на копот од површински води се базира на изработка на ободни канали и заштитни усеци со цел евакуирање на големите дотоци на површински води“, стои во техничкиот опис на предметот на набавката.
Со проширувањето на усекот на две локации, сметаат од АД ЕСМ, постои можност за дополнителен ископ на околу 1.450.000 тони јаглен, така што се предвидува ископаниот јаглен од локациите да има примарно дробење, додека јаловината треба да се одлага во внатрешно одлагалиште.
Инаку, оваа непосредна спогодба вредна скоро 19 милиони евра доаѓа во време кога државата се соочува со сериозна енергетска криза, поради која се обидува да увезе јаглен од странство, а во меѓувреме во неколку наврати влече струја од европскиот систем.
Паралелно со тоа, државната компанија за производство на струја информираше дека, како дел од мерките за намалување на трошоците, ќе испрати работници на принуден одмор во период од максимум 3 месеци, кога ќе добиваат 70 отсто од платата.
Во однос на тоа реагираше опозицијата, истакнувајќи дека дома се праќаат луѓе кои, според нив, се партиски неподобни, поради што ВМРО-ДПМНЕ побара оставка од директорот Васко Ковачевски.
Влатко Стојановски