Премиерот Зоран Заев претпладнево се сретна со Филип Пинингтон, амбасадорот на Канада.
Пинингтон ја поздравил реформската определеност на Владата, која, како што оцени, се одразува со видлива промена на расположението кај граѓаните и оптимизам дека позитивните промени во државата стануваат реалност. Тој соопшти дека Канада ја поддржува Македонија во НАТО-аспирациите, соопштуваат од владината прес-служба.
„На средбата е констатирано дека инклузивните политики на премиерот Заев и на Владата и исчекорот кон добрососедските односи имаат поддршка и од меѓународната заедница, што придонесува во градењето доверба кон Република Македонија како држава која заслужува да оди напред“, се вели во соопштението.
На средбата се разговарало и за можноста за продлабочување на односите меѓу Република Македонија и Канада во делот на економијата.
„Постои согласност дека реформите што водат кон владеењето на правото и обезбедување сигурност на инвестициите испраќа охрабрувачка порака кон канадските бизнисмени кај кои постои интерес за Македонија“, соопшти владината прес-служба.