Средба Заев-Макрон: Македонија и Грција преземаат историска улога

by fokus

Премиерот Зоран Заев, вечерва имаше средба со претседателот на Република Франција Емануел Макрон, кој како и премиерот Заев, утре ќе учествува во официјалната програма на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, што се одржува во Софија, Република Бугарија, земја претседавач на ЕУ за овој мандатен период.

Во искрена и пријателска атмосфера, премиерот Заев и претседателот Макрон разговараа за актуелни политички теми од интерес на Европската Унија, регионот и Република Македонија, како и за билатералните односи на нашата земја со Република
Франција, велат од Владата.

Премиерот Заев на средбата истакнал дека Република Македонија и Западен Балкан се менуваат и демонстрираат европски манири.

Тој го информирал Макрон дека Република Македонија продолжува со интензивните и сериозни реформи во правосудството, јавната администрација и во сферата на медиумите и дека сите реформски проекти се спроведуваат во дијалог со опозицијата.

„Моите сограѓани имаат европска иднина и ние, Балканот и ЕУ се бориме за иста Европа. Ве уверуваме дека Република Македонија е успешна приказна на Балканот и заслужува вреднување соодветно на постигнатите резултати. Ги поддржуваме вашите
заложби за покохезивна, функционална и поодржлива ЕУ. Лидерството на Франција е мотивација и пример и за Македонија и за регионот“, истакнал Заев.

Макрон на средбата истакнал дека Франција со внимание ги следи политичките процеси во регионот и во Република Македонија и посочи дека Македонија и Грција преземаат историска улога со посветеноста во решавањето на прашањето за името, и дека решавањето на овој спор е позитивно и сериозно наследство за Македонија.

Поврзани новости