Евро-атлантските интеграции ќе донесат добро за граѓаните на мојата земја, но и за Република Македонија. Насочени сме кон формулации што на достоинствено ниво ќе ги штитат интересите на двете држави. Ако опстоиме на досега изразената политичка волја, решение е можно, оцени премиерот Зоран Заев на денешната средба во Скопје со пратеникот во германскиот Бундестаг, Метин Хакверди.
На средбата, информираат од владината прес-служба, пратеникот Хакверди пренесе силна поддршка да се продолжи со процесот на заокружување на решението за спорот што ги кочи евро-атлантските интеграции на Македонија.
– Во германскиот Бундестаг и кај претставниците на СПД има поддршка за Македонија да продолжи на евроинтегративниот пат, рече тој.
Премиерот Заев се заблагодари на големата поддршка од Република Германија, од Бундестагот, од СПД, во процесот на остварување на стратешките цели на нашата држава, вклучително и за разговорите што се водат со Грција.
На средбата беше заклучено дека евро-атлантските интеграции на Македонија ќе значат и нови работни места и развој на државата во целост. Посебно беше нагласена важноста од владеењето на правото и правната држава, што ќе отвори пат за ефикасно справување со корупцијата во иднина, бидејќи е порака дека секој граѓанин се почитува од системот, но истовремено е секој еднаков пред правдата.