Утрово во Брисел, министерката за одбрана Славјанка Петровска се сретна со претседавачот на Воениот комитет на Европската Унија, генералот Роберт Бриегер, со кого разговараше за придонесот на Северна Македонија кон регионалната и глобалната безбедност и за интензивирањето на одбранбената соработка помеѓу нашата држава и Европската Унија.
-Навистина можеме да бидеме горди на постигнатото. Од увозник на безбедноста, Северна Македонија се позиционираше како столб на регионалната безбедност и стабилност. Потврда за тоа е нашето учество во операцијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, АЛТЕА од 2006 година, како и нашето учество во борбените групи на Унијата“, рече министерката на состанокот.
Информираше дека досега 363 армиски припадници биле дел од АЛТЕА, додека во мисијата на ЕУ во Централноафриканската Република учествувале 6 армиски офицери.
Генералот Бриегер изразил задоволство што и двете страни се амбициозни во намерата да ја зацврстат одбранбената соработка и се заблагодари за долгогодишното учество на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија во мисии и операции на Унијата.