Средба Катругалос – Османи и состанок на македонската и грчката делегација во МНР на Грција

by fokus

Кусо пред 16 часот по локално време во грчкото МНР започна тет-а-тет средбата на заменик претседателот на македонската Влада, Бујар Османи со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција задолжен за европски прашања, Јоргос Катругалос, јави дописничката на МИА од Атина.

По тет-а-тет средбата што траеше околу 20 минути, започна состанокот на двете делегации составени од претставници од СЕП и МНР на Македонија и претставници на грчкото МНР.

На средбата според најавите, се очекува да стане збор за односите меѓу двете земји, Договорот од Преспа и обврските што тој го создава за двете земји, за мерките за градење доверба,  унапредување на билатералните односи, за поддршката од страна на Грција за македонската евро-аталантска интеграција.

По разговорите и изјавите за медиумите, алтернативниот шеф на грчката дипломатија Јоргос Катругалос ќе го испрати симболично вицепремиерот Бујар Османи на атинскиот аеродром, на првиот лет по пауза од над 10 години од Атина за Скопје, во кој ќе биде и дописничката на МИА од Атина.

Авионот треба да полета во 18.40 часот по локално време, а во Скопје пристигнува по 1 час и 15 минути, односно во 18.55 часот по македонско време.

Делегацијата што ја предводи вицепремиерот Османи по слетувањето во Скопје, заедно со министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски, ќе биде дел од манифестацијата која по повод првиот лет ја организира ТАВ.

Поврзани новости