Србите ги надминаа предрасудите за ЛГБТ популацијата: Од корумпираните политичари си имаме мака, не од хомосексуалците!

by fokus

Осмата по ред Парада на гордоста која во неделата се одржа низ улиците во центарот на Белград, Србија, помина во знакот на прифаќање на различностите.

Ако во минатото, односно во 2001 година, за време на обидот за одржување на првата геј парада во Белград, голем број од учесниците беа претепани од страна на навивачи и десничарски групи, во неделата учесниците гордо чекореа по улиците, а случајните минувачи оставаа впечаток како сосема да свикнале на нивната појава. Зачудени погледи или пак навредливи зборови и физички напади немаше, а градот беше украсен во боите на виножитото.

Сепак, не можевме, а да не го забележиме зголеменото присуство на припадници на полицијата и полициската коњаница.

-Како што гледате, нема никакви проблеми. Овде сме од безбедносни причини, но нашиот народ веќе сфати дека ЛГБТ заедницата е дел од нашето општество, и целиот настан минува во една опуштена атмосфера – ни изјави припадник на полицијата, кој беше дел од силното обезбедување.

И жителите на Белград, очигледно ги промениле своите ставови кон геј популацијата, па многу од нив беа незаинтересирани за поворката од расположени мажи и жени, со знамиња и балони во јаки бои, кои прошетаа низ градот. Голем дел од учесниците не беа дел од ЛГБТ заедницата, но во знак на нивна поддршка излегле на улиците на Белград.

-Ма немаме ние никаков проблем со нив. Помина времето кога ги тепаа поради нивната сексуална определба, сега веќе никој не ги ни забележува. Демократија, кој што сака нека си прави. Она што е интересно, народот во Србија на некој начин се буди, сфаќаме дека политичарите – криминалци се многу поопасни од хомосексуалците. Кој и да дојде на власт, обичниот граѓанин пак продолжува да преживува, тука е нашиот проблем, а не во геј парадите – ни изјави повозрасен маж, кој беше еден од многуте незаинтересирани случајни минувачи покрај поворката.

-Да не се повтори парадата од 2010 година, кога хулигани го демолираа градот – ни раскажа една од жените – тогаш тоа не беа луѓе на кои им сметаше геј популацијата, туку насилници кои кршеа излози во продавници, ограбуваа, тепаа, а парадата најверојатно им беше само изговор за своето насилничко однесување. На парадата чија цел е да се промовира толеранција кон различностите се појави и српскаат премиерка Ана Брнабиќ, градоначалникот на Белград, Зоран Радојичиќ и многу јавни личности и политичари.

Вики Клинчарова

Поврзани новости