Се оконча трагедијата од која стравуваше цела Србија. Утринава кај Сомбор беше пронајдено телото на младата Тијана Јуриќ која исчезна пред 13 дена. Осомничениот за убиството на девојчето е пронајден. Тој го признал убиството и ја однел полицијата до местото каде што го закопал девојчето.
Осомничениот убиец вчера вечерта бил уапсен во Белград. Српските медиуми пренесуваат дека станува збор за месар од Сурчин. Тијана била убиена истата вечер кога била киднапирана, а телото било закопано недалеку од Сомбор.
Месарот осомничен за убиството на 15-годишната Тијана во моментов е во полициска станица во Суботица. Според медиумите, станува збор за човек на 34 години кој добро го познавал теренот каде што го извршил убиството. На осомничениот ќе му се суди во судот во Суботица.
Тијана Јуриќ последен пат била видена на 26 јули после полноќ, недалеку од спортскиот центар „Рата“ во Бајмок. На неасфалтираниот дел од патот биле пронајдени предмети, кои, според изјавата на нејзината мајка, биле на Тијана.
На повеќе веб-страници во Србија се отворија петиции со кои се бара воведување смртна казна во Србија.