Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји денеска изјави дека владеењето на правото и нормализацијата на односите со Косово остануваат клучни за преговорите за пристапување на Србија во ЕУ и ја истакна важноста Србија да продолжи да постигнува добри резултати на терен во тие области, јави Бета.
Говорејќи на прес-конференцијата по Меѓувладината конференција на која Србија го отвори кластерот четири во преговорите за пристапување во ЕУ, Вархеји рече дека Европската комисија ќе продолжи да прави се што може за да го забрза процесот на пристапување на Србија и на регионот.
Отворањето на преговорите за кластерот 4 претставува силен политички сигнал за посветеноста на Европската унија за пристапување на Србија, истакна денеска европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји.
На прес-конференцијата Вархеји рече дека за првпат се отвораат преговори за еден кластер, што се состои од четири поглавја. Според него, Србија прави уште еден важен чекор кон влезот во ЕУ.
-Отворањето на поглавјето е многу добра вест за Србија и нејзините граѓани, како и за целиот Западен Балкан. Ова испраќа силна порака дека ЕУ сака да го забрза својот ангажман во Зелената агенда, објасни тој.