Србија останува без воена авијација!?

by Фокус

Секоја армија има две главни мисии – да ја брани државата од надворешна агресија и да помага при справувањето со елементарни непогоди. Поплавите што пред неколку недели ја погодија Србија покажаа дека барем кога е во прашање остварувањето на втората задача, српската армија се сочува со големи проблеми, главно при недостатокот на доволно опрема, како и во неисправноста и неупотребливоста на постојната.

Иако на хартија војската на Србија поседува две воздухопловни бригади составени од десетина разни типови на авиони и хеликоптери, во реалноста, практично никакви летови не се изведуваат, ниту со авионите (од кои еден лани се урна, при тренинг лет, по што беа одложени на неодредено време сите други летови), а речиси ни со хеликоптерите.

После војната од 1999-та година, на Србија ѝ преостанаа само 4 авиони –ловци од типот Миг-29, од кои денеска не лета ниту еден, поради тоа што набавката на резервните делови неопходни за правилно функционирање на леталата се покажаа прескапа и прекомплицирана.

Кога се во прашање транспортните хеликоптери, кои беа од витална важност при евакуацијата на настраданите во текот на поплавите, состојба не ни малку розова. Имено, војската на Србија располага со вкупно само осум транспортни хеликоптери, и тоа два од типот Ми-17 и шест од типот Ми-8. Просечната старост на хеликоптерите Ми-17 што ги поседува Србија е 24 години, а пак „најмладиот“ примерок на Ми-8 е стар дури 34 години!

Токму затоа, како што пишува српскиот дневен весник „Блиц“ во прашање е доведен и самиот опстанок на српското воено воздухопловство. Доколку под итно не се инвестира во поправка на расипаните и замена на дотраените летала со нови, Србија може да остане без ниту едно употребливо летало (било авион, било хеликоптер).

Ако тоа се случи, ќе стане јасно дека она што не им тргна од рака на генералите на НАТО во 1999-та после 77 дена жестоко бомбардирање, имено сосема до крај да ја уништат српската авијација, ќе им „успее“ на неодговорните, неспособни и корумпирани српски политичари кои се менуваа на власт во Белград од тогаш па наваму.

Поврзани новости