Срамота е наши музичари да бараат 10.000 евра за еден час настап, кога народот живее со 300 евра месечно, вели организаторот на Пивофест

by fokus

Едноставно, нема логика наши музичари да бараат по 10.000 евра за еден час настап на Пивофест во Прилеп, кога знаеме дека во нашата земја најголемиот дел од народот живее со месечна плата од 300 евра. Посебно во време на голема економска криза, наместо да се солидаризираат со народот, па да настапат за некоја симболична сума, многумина по примерот на регионалните пејачи, излегуваат со вртоглави побарувања – за ,,Фокус” вели Пеце Стоикоски од Арт 10 продукција, кој е организатор на настанот годинава.

Големиот и популарен фестивал на пивото, скарата и музиката ќе се одржи од 14-ти до 17-ти јули, и веќе се објавија листите со музичките гости кои ќе ја забавуваат публиката во Прилеп.
Годинава акцентот е ставен на домашните музичари, но ќе има и неколку регионални гости.
Од Општина Прилеп одвоиле два милиони денари за настанот, а поддржан е и од спонзори.

-Не би сакал да ја коментирам објавата на музичарот Владимир Василевски – Четкар, кој вчера напишал дека поради финансиски проблеми на фестивалот неговиот настап е откажан. Деталите за тоа што се случило и зошто не бил постигнат договор со него ги имаат лицата од организација задолжени за финансискиот дел.
Но, имавме случаи кога наши музичари бараат навистина големи суми, се нема разбирање за актуелната ситуација, и на крај не се нашол заеднички јазик. Од друга страна пак, имавме и многу наши пејачи кои се согласија да настапат за навистина симболични суми, бидејќи чест им е да бидат дел од манифестацијата, да го расположат народот.

Па, дури и легендарниот Мајкл Џексон во тек на својот живот има одржано бесплатни концерти! Не е ова бунар без дно, треба да се биде реален во барањата, без оглед на популарноста.

Оние кои чекале средства од приватни компании, од спонзори, знаат како одат овие работи. Некој ветил поголема сума, па се предомислил, некој се откажал, некој доцни со исплата. Ќе кажам само дека воопшто нема логика кога наши музичари, кои се свесни за состојбата и стандардот во земјава, сакаат да одат по примерот на нивните колеги од регионот, па имаат нереални барања кога се хонорарите во прашање- појаснува Стоикоски.

Додава дека не е коректно кон својот народ, кој за еден месец макотрпна работа заработува околу 20.000 денари, некој за еден час пеење да заработи неколку стотици илјади денари. Поради тоа, вели дека музичарите треба да имаат максимално разбирање и да покажат свест за состојбата и секојдневието на нашиот народ.

-Станува збор за голема организација, за голем настан кој привлекува многу посетители. Им дадовме предност на македонските фолк, поп и рок музичари, наместо како во минатото, да се донесе една голем музичка ѕвезда од соседството, која ќе земе огромен хонорар.
Сакаме да покажеме дека го цениме нашето, дека треба сами едни со други да си помагаме, да бидеме солидарни. Токму поради тоа очекував разбирање од музичките гости, флексибилност кога се нивните побарувања во прашање, но и поддршка од спонзорите, од големите компании кои се промовираат на овој традиционален настан – ни изјави организаторот.

Помеѓу многубројните гости кои годинава ќе настапат на Пивофест се Наум Петрески, Нино Величковски, ДНК, Љубојна, Игор Џамбазов и Гуру Харе, Ареа, Нокаут, Миле Кузмановски, Елена велевска, Елена Петреска, Меморија, Галија, Хари Мата Хари, Дивје Јагоде, Балканика и други.

Вики Клинчарова

Поврзани новости