Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) најостро го осудува вчерашниот физички напад на новинарската екипа на порталот А1 Он и со загриженост оценува дека инцидентот ги потврдува тенденциозните обиди да се загрози слободата на медиумите и правото на јавноста да биде информирана.
Ова не е изолиран инцидент, а трендот на насилство и попречување на работата на новинарите и медиумските работници продолжува да биде сериозен проблем. Имајќи ја предвид сериозноста на ситуацијата, апелираме за итна реакција на полицијата и Јавното обвинителство и преземање на неопходните мерки за расветлување и расчистување на инцидентите.
Неказнивоста на нападите врз медиумите е недозволива, а безбедноста на новинарите мора да биде подобрена и ослободена од какви било закани и притисоци, се вели во реакцијата на Советот за етика во медиумите која ја пренесуваме во целост:
„Државата, во согласност со член 10 од Европската конвенција за човекови права, е одговорна за преземање на сите активни мерки со цел да создаде и одржува поволна средина за слобода на изразување. Потсетуваме дека ваквата одговорност произлегува и од препораките на Комитетот на министри на Советот на Европа околу заштитата на новинарството и безбедноста на новинарите и другите медиумски актери.
Во исто време, потсетуваме и на минатогодишниот извештај на Фридом Хаус, според кој медиумите во Македонија се предмет на политички притисок и вознемирување, што резултира со самоцензура, а државата се оценува како неслободна во однос на статусот на слобода на медиумите.
Медиумите не смеат да бидат злоупотребени за повици за обединување на поединци и групи за радикално однесување и постапки кои го загрозуваат јавниот ред и мир во општеството. Недостигот на медиумска слобода не смее да се искористува како аргумент за погрешно однесување и пласирање невистини кои му создаваат трајна штета на новинарството и повреда на интересот на јавноста.
Советот за етика досега има добиено околу 200 жалби за непрофесионално известување на медиумите. Потсетуваме дека и понатаму ќе го набљудуваме начинот на информирање на медиумите, како на оние кои се дел од СЕММ, така и на тие кои се’ уште не се негови членки, и ќе повикуваме на доследно почитување на Кодексот на новинарите, како предуслов за припадност кон ова наше, заедничко, професионално тело за саморегулација во медиумите.