Студентски пленум: Спремни ли сме за уште еден марш?!

by Фокус

Дел од студентите денеска повикаа на уште еден марш, како оној на 17 ноември, сакајќи оваа борба против државниот испит да се истера да крај. Тие преку фејсбук профилот на Студентски пленум се обратија до сите студенти, средношколци, професори, родители и роднини прашувајќи ги дали се спремни за уште еден студентски марш.

Целото соопштение на Студентскиот пленум објавено на фан страната на фејсбук ви го пренесуваме интегрално:

Почитувани колеги и колешки, другари и другарки, професори, родители, роднини и сите граѓани на оваа наша држава,

Во последно време многумина од вас изразија желба за уште еден марш како оној на 17-ти ноември, сакајќи да се истера оваа борба до крај.

Но, најпрвин да ви поставиме неколку прашања на сите вас. Зошто би излегле на марш студентите, кога нив веќе не ги засега оваа реформа? Или пак, зошто оние кои не се воопшто студенти би трошеле од своето време и енергија да ги поддржат оние кои сè уште го имаат жарот и силата да се изборат за своите права?

Зошто родителите би излегле за своите деца, без разлика дали тие деца се основци, средношколци, студенти? Зошто оној којшто нема никаква допирна точка со оваа очигледно банална реформа би се поместил од својата зона на комфорт, би се облекол, би направил парола, би спремил грло и би излегол на улица да го брани својот став?

Секако, ова се легитимни прашања кои секој би си ги поставил и во нив би го нашол изговорот да остане нем на реформите кои директно или индиректно го загрозуваат неговиот дигнитет, личност, достоинство, а пред сè – неговитеправа.

Но, има и такви луѓе кои во овие прашања ќе го најдат мотивот за да го поддржат маршот. Луѓе кои несебично се борат за сите свои сограѓани, за минатите, идните и сегашните генерации, без разлика дали нив ги засега оваа проблематика или не. Има луѓе кои,штом видат кај некого жар за подобро утре, од тој жар прават оган.

Има родители кои своите деца не ги учат да бидат сервилни и да очекуваат дека некој друг ќе се избори за нивната иднина. Има основци и средношколци со поголем порив за борба од оние кои ги израснале. Има луѓе кои воочиле дека токму уживањето во својата зона на комфорт ги довело до ова ниво и дотаму кајшто се денес.

Без права, без достоинство, без некој да ги слушне и да ги почитува нивниот глас и нивниот став. И тие луѓе нема да дозволат никакво поигрување, манипулација, ниту пак потсмевање на нивната интелигенција, на нивната желба за подобро образование за нив и за нивните најблиски, на нивната болка, на правата кои ги заслужуваат и на автономијата на местото каде што ја градат својата личност.

Затоа, доколку си еден од оние кои не се демотивирани од овие прашања и сè уште сметаш дека треба да се бориш за своите права и за подобро утре, тогаш твоето место е на платотото на УКИМ, пред споменикот на Св. Кирил и Методиј. Дојди, дискутирај и викај гласно за сè она што те боли, што те револтира, што те угнетува и што те тишти.

Викај гласно за правда, за подобро образование. Викај гласно за уште еден СТУДЕНТСКИ МАРШ!

Поврзани новости