Напнатоста меѓу Кина и Тајван се повеќе расте, откако островот го посети преседателската на претставнички дом на американскиот конгрес Ненси Пелоси, и покрај кинеските закани дека тоа е нарушувањето на суверенитетот на Кина, која Тајван го смета за своја територија.
Тајван всушност бил последното прибежиште на кинеските сили на генерал Чанг Кај Шек во повлекувањето пред силите на кинеската револуција на Мао Цетунг на крајот на 40-те години од минатиот век. Со победата на револуцијата во 1949 година, Тајван и натаму остана под самостојна управа.
Во тоа време Тајван се сметал за „вистинска“ Кина. Формалното име на островската држава е Репубика Кина, за разлика од Народна Република Кина. За Пекинг, пак, Тајван е само „привремено“ отцепена покраина, дури и на знамето на НР Кина има една поголема и четири помали ѕвезди, од кои една го претставува Тајван.
Инаку, претставник на Тајван, а не на Кина, бил член на Советот за безбедност на ОН сѐ до 1971 година. Денес Тајван не е ниту член на ОН, а само 14 држави во светот одржуваат формални дипломатски односи со Тајван. Кина таквите односи ги смета за неприфатливи.
Вашингтон преку три децении по револуцијата во Кина, го сметаше Тајван за „единствен“ претставник на цела Кина. Дури во 1979 година и САД ги затворија своите дипломатски претставништва во Тајван и воспоставија односи со Пекинг. Се повлекоа и од воениот договор за меѓусебна заедничка одбрана во случај на напад.
Без оглед на тоа, односите на САД и Тајван траат и денес, вклучувајќи и воена соработка. Пекинг упорно го предупредува Вашингтон да не ѝ продава оружје на таа „отцепена покраина“, но и претходниот американски претседател, Доналд Трамп искажа поддршка на Тајван и склучи договор за продажба на оружје во вредност од повеќе од 18 милијарди долари.
И претседателот Џо Бајден најави дека ќе му помогне на Тајван ако биде нападнат од Кина, иако доктрината на Вашингтон е одржување на постоечката состојба и обезбедување сигурност, посебно во пловидбата по тамошното море. Така и САД успорно испраќаат свои воени бродови и авиони во тој дел од светот.
Во јануари 2019 година кинескиот претседател Си Џинпинг изјави дека состојбата со Тајван не може вечно да остане статус кво и најави можно воено решение. За Си Џинпинг, „спојувањето“ на Кина и Тајван е неминовно заради исполнување на „кинескиот сон“ за „единствена“ Кина, која до 2049 година би станала најголема светска сила.