Според Заев, неизбор на претседател ќе значи нова политичка криза

by fokus

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека очекува успешни претседателски избори и постигнување на цензусот во вториот изборен круг, во спротивно смета би се создало нова политичка криза.

-За нас очекувањето е изборите да бидат стопроцентно успешни. Не си дозволувам да коментирам што би било кога би било, очекувам и знам дека цензусот можеме да го постигнеме. Кога зборуваме за ситуации што ќе биде ако биде тогаш демотивираме излезеност. Јас верувам дека ќе имаме успешен прв круг и успешен втор круг, дека непосредните избори се подобредојдени, секогаш ни стојат на располагање алатките претседателот да се бира во Парламентот, секогаш ни стојат и алатките да ги повториме изборите. Сето тоа се наши правни можности. Но, имаме одговорност сите како граѓани да излеземе и да гласаме, да избереме претседател на нашата земја.Тоа е право на граѓаните, тие ќе си одлучат кого ќе изберат. Да не ја пропуштаме оваа шанса. Неизборот на претседател значи нова политичка криза, а тоа не ни треба, рече премиерот Заев на новинарско прашање за тоа каков е ставот на СДСМ во врска со можноста да се отвори Уставот за да се промени начинот на избор на претседател на државата во Собранието, за што коалицискиот партнер ДУИ изрази согласност.

Според него, последните анкети покажуваат дека граѓаните чувствуваат огромна одговорност за успешноста на изборите.

-Верувам дека таа огромна одговорност ќе се преточи на дело со максимална излезеност на сите оние граѓани кои се дома. Секако знаеме дека има еден голем процент од граѓаните кои заминале надвор од државата, но знам дека ќе излезат во масовна бројка, вели премиерот Заев.

Запрашан дали досега е разговарано со опозициската ВМРО-ДПМНЕ за можностите што ги спомена министерката за правда во случај на неуспешни претседателски избори со оглед дека е потребно двотретинско мнозинство за измени на Уставот, премиерот Заев рече дека за тоа не е разговарано.

-Ние веруваме дека ќе победиме при успешен цензус. ВМРО-ДПМНЕ верува дека ќе победат при успешен цензус. Двете страни подржуваме независни кандидати и тоа е добро. Значи двете страни кога се надеваат дека ќе победат нивните концепти, победниците исто така имаат должност тоа да биде регуларно, законски, јас реков кристално чисто, оти кога победувате сакате таа победа да биде неоспорена од никој и тоа е добро. Јас верувам дека двете најголеми политички партии, а со нив и сите други политички партии во РСМ ќе сторат се да имаме фер, демократски и регуларни избори, успешни избори и секако победникот да биде на крајот претседател на сите граѓани на РСМ, рече Заев и повтори дека цензусот е нешто што е обврска на сите, дека ќе биде постигнат, а второ, додаде, немало ниту причина да разговараат затоа што секоја од страните верува во победа на својот концепт на изборите.

Поврзани новости